Женската кошаркарска репрезентација на Македонија со една победа и два пораза ги заврши претквалификациите за Европското првенство 2015 и го освои 3.место во групата Д што се играше во Рамла (Израел), постигнување од кое е задоволен селекторот Горан Јовановиќ.
Тој за постигнатиот учинок за официјалната интернет страница на ФИБА Европа, по третиот натпревар и поразот од Германија по продолжение (87:83) изјави дека се гордее што е тренер на оваа селекција.
– Многу сум горд на моите кошаркарки. Покажавме дека можеме да играме и против многу поквалитетни тимови од нас. Ние сме доста млада екипа и сигурен сум дека ќе напредуваме во иднина, истакна македонскиот селектор.
На првите две средби на овој турнир, Македонија ја совлада Португалија со 60:56, а загуби од домаќинот Израел 72:56.
И пред одигрувањето на турнирот се знаеше дека голем хендикеп за нашата репрезентација ќе биде малиот фонд на кошаркарки, најголемиот дел од натпреварите ги играа само шест кошаркарки.
Поради повреди овојпат отсуствуваа три, а ист толкав број поради школски обврски (матура) не беа на располагање на репрезентацијата.