Женската кошаркарска репрезентација на Македонија од петок до недела ќе учествува на претквалификациите за Европското првенство 2015 година. Македонија во групата во Рамла ќе игра против домаќинот Израел, Германија и Португалија.
Само првопласираната селекција ќе ги продолжи борбите за пласман на ЕП, а другите ќе имаат нова шанса.
-Групата е тешка, можеби и најтешка од сите четири. Германија е фаворит во групата, Португалија има постојан подем, а Израел како домаќин гледа своја шанса. Од тоа што досега го работевме видов дека оваа селекција има потенцијал, изјави селекторот Горан Јовановиќ.
Моника Гаврилоска беше предвидено да биде во улога на помошник но по барање на селекторот сепак ќе помогне на теренот, па ќе ја носи и капитенската лента.
-Групата во Израел е најтешка. Се надевам на барем една победа на турнирот во Израел. Позитивно сум изненадена од пристапот на помладите и затоа ми е мило што останав да помогнам ,рече капитенот Гаврилоска.
Во репрезентацијата ќе настапи Американката со македонски пасош Криси Гивенс, која настапува во романскиот шампионат.
Кошаркарките во среда наутро заминуваат за Израел. На 7 јуни играат со Португалија, на 8-ми противник е Израел, а на 9-ти Германија.