Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје (ИДКНА) во присуство на претставниците на верските заедници во земјава синоќа беше домаќин на одбележувањето на еврејскиот празник Ханука.
Како што соопшти денеска Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, овој настан, кој што трае веќе пет дена, е дел од глобалната иницијатива преземена од страна на Министерството за надворешни работи на Израел, како проект под наслов „1.000 Менори“ во чест на Евреите од Македонија и во спомен на холокаустот.
-Заедно со лидерите и претставниците на верските заедници во Северна Македонија, токму тука во ИДКНА во Скопје, ја палиме свеќата во чест на еврејскиот празник Ханука, сакајќи во оваа прилика да ја пренесеме пораката за љубов, разбирање и меѓурелигиска и меѓуетничка толеранција во нашето општество, кое што ќе стане уште многу постабилно ако ги почитуваме чувствата и традициите на другиот, подвлече Скендер Асани, директор на ИДКНА.
Асани, како што се наведува во соопштението, посочи дека со основањето на Одделот за едукација и истражување за холокаустот, ИДКНА во Скопје сакаше да го скрши стереотипот кој што во минатото погрешно беше всаден во свеста на нашето општество, кое што не ги ценеше луѓето врз основа на нивните вредности и доблести, туку врз основа на нива верска и етничка припадност.
Според него, можете да бидете член на една религија, на една друга етничка припадност или друг јазик, и ова да не претставува никаква попреченост за да се почитува другиот, кој има сосема поинаква религиозна, етничка и јазична припадност и од тоа почитување да се изгради духот на доверба и долгорочна толеранција. Асани истакна дека разбирањето меѓу сите припадници од различна религиозна и етничка припадност е лајтмотивот за да се организира оваа церемонија на палење свеќи во чест на еврејскиот празник Ханука.
За подобро запознавање со глобалната иницијатива на Министерството за надворешни работи на Израел или проект „1.000 Менори“, говореше и раководителката на овој проект Маја Суша. Таа изјави дека во чест на овој празник се одржуваат активности низ целиот свет, особено во Ерусалим и во неколку други градови на Израел, во знак на жртвите на холокаустот. Целта е овие настани да служат како лекција за целото човештво со цел злото никогаш да не се повторува, туку да остане само како еден горчлив спомен.
На церемонијата присуствуваа митрополитот на Кумановско-осоговската епархија г. Григориј, а од ИВЗ генералниот секретар, имамот Ирсал Јакупи.