„Продавам ваучер за туризам“, „Се нуди ваучер по поволна цена“, со вакви објави деновите се преплавени социјалните мрежи и специјализираните интернет-страници за продажба. Граѓаните кои ги продаваат владините ваучери чија вредност е 6000 денари дури и не се кријат, на огласите оставаат и имиња и телефонски броеви за контакт. Цените се движат од 3000 до 4000 денари по ваучер, а пари се даваат на рака. Некои од продавачите се подготвени и да ја спуштат цената, како што велат само да добијат пари затоа што нивната вредност ќе пропадне доколку не го искористат до 15 декември.
„Да госпоѓо продовам два ваучери , кај ќе одам сега по коронава. А пари ми требаат. Ако дадете 8000 за двата ваучери во ред, евентуално може по 3500, пониско не може, ќе испадне како да ве честам одмор. Доаѓаат празници, да видам некој аир од парите и една сметка за струја да платам“ вели во телефонскиот разговор извесен Бране, кој огласи дека продава ваучер за туризам.
Од друга страна наспроти оние што ги продаваат, огласи има од лица кои ги откупуваат, а како се наближува крајниот рок за искористување цената паѓа, вели еден од огласувачите кој ги откупува ваучерите. „А1он“ стапи во контакт со лице кое има ваква објава кое посочи дека не е пробелем да откупи и повеќе од еден ваучер, а при купопродажбата наведе дека треба да се дадат фотокопии од лични карти од лицата на чие име се издадени.
„Да бидам искрен по 2000 денари ги откупувам, но максимум што можам да ви дадам се 2100. И така го добивте гратис, вака ќе си земете некоја пара , а немате многу време за да го продадете, секако ќе ви пропадне но, Вие си знаете“, вели откупувачот со кој стапи во контакт „А1он“.
Крсте Блажевски од Здружението на хотелиерите (ХОТАМ) вели дека се запознаени со оваа појава и дека според негови сознанија најголем дел од хотелирите се дисциплинирани и ги одбиваат гостите со туѓ ваучер, но не ја исклучи можноста дека има злоупотеби.
„Од почетокот ја следиме состојбата со купопродажбата на ваучерите и навистина ми е жал што нашиот народ има таков менталитет па се впушти и во вакви манипулации. Според мои сознанија, најголем дел од хотелските комлекси се држат до прописите, но не можам да тврдам со сигурност дека некое хотелче или вила не може да се провлече и да прими гости со купени ваучери. Некои од граѓаните дури на лице место во хотелите, го нудеа ваучерот во замена за пари, но беа одбиени, затоа што строго е пропишано дека лицето што го поседува мора да го искористи за престој во некој од објектите“, вели Крсте Блажевски од ХОТАМ, за „ А1он“.
Директорот на Државениот пазарен инспекторат Стојко Пауновски за „А1он“ рече дека инспекторите се со засилени контроли на терен деновиве токму поради сознанијата за злоупотеби и порача дека сите кои ќе бидат затечени со гости заведени на ваучер под туѓо име ќе бидат казнети.
„Според списоците што ги добивме од Министерството за економија, гости со ваучери има во гостиварскиот регион и струмичко Ново село. Инспекторите се на терен, ќе се проверува книгата на гости, ќе се проверува нивниот идентитет, ќе има казни за сите што ќе се дрзнат да прават злоупотреби. Повеќе од сомнително е ако некој хотел има капацитет од 30 гости , примил 50, мора да покаже кои се тие луѓе и дали навистина се физички присутни. За граѓаните кои ги продаваат ваучерите, инспекторатот нема механизам за казни. Занеме дека има објави на „Фејсбук“ дека граѓаните ги нудат и не се кријат, но тоа не можеме да го спречиме “вели Пауновски.
Од досегашните спроведени акции на терен, пазарниот инспекторат, изрече казни за дестина хотели во Охрид, Струга и Дојран за измама со ваучерите за туризам.