„Развиј ги твоите новинарски вештини“ е темата на работилницата која од денеска до 17 мај се одржува во Регионалниот тренинг-центар за комуникации во Скопје.
Работилницата има за цел детално да ги запознае сертифицираните медиа тренери од Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Косово со процесите на работа во областа на новинарството.
– Вие сте најважниот столб кој преку Регионалниот тренинг центар за комуникации овозможува високо квалитетна едукација во областа на односите со јавноста. Наша цел е овој центар да биде препознатлив, не само на регионално, туку и на глобално ниво, порача државниот секретар во Министерството за одбрана на Република Македонија, Сашо Стефаноски.
Во рамки на работилницата, учесниците ќе имаат можност и да се запознаат со процесот на креирање вести и студијата на Македонската радиотелевизија, како јавен сервис во Република Македонија како и да ги слушнат предавањата на Рој Торвалдсен, задолжен за односите со јавност во Сојузничката команда за трансформација на НАТО, кој е со долгогодишно искуство во новинарството, како и Симоне де Мансо од НАТО- Одделот за јавна дипломатија.