Центарот за развој на Источно планскиот регион на денешната прес-конференција ги презентираше резултатите од реализираниот проект „Прекугранична образовна мрежа за деца со посебни потреби“, кој е финансиран од фондовите на ЕУ.
Проектот го реализираа општините Штип, Кочани, Виница и Пробиштип од македонска страна, а од бугарска страна партнер е општината Гоце Делчев.
Раководителката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева рече дека проектот се спроведува две години, а завршува на 19-ти мај.
– Овој проект не завршува на 19 -ти мај, од причина што како проект ќе се пренесува во останатите плански региони. Веќе е добиен во Северо-источниот плански регион,се работи по овој проект и во две општини во скопскиот регион, а исто така повеќе општини од источниот регион побараа да го погледнат овој проект, бидејќи планираме и втора фаза од овој проект, рече Здравева.
Во рамки на овој проект се одржаа средби и работилници меѓу наставниците од училиштата од Македонија и Бугарија на кои ги разменија своите искуства во делот на образованието на децата со посебни потреби, а во училиштата во Кочани, Пробиштип, Виница и Штип се изградија пристапни патеки, лифтови и се опремија со посебни помагала за децата со посебни потреби со цел да ја следат наставата.
Градоначалникот на Општина Штип, Илчо захариев истакна дека секоја општина треба и понатаму да инвестира во училиштата, каде што се едуцираат децата со посебни потреби. Проектот за „Прекугранична образовна мрежа за деца со посебни потреби“ чини над 270.000 евра.