Најмалку 46 луѓе загинаа денеска во земјотресот со интензитет од 7,8 степени според Рихтеровата скала, чиј епицентар бил во реонот на градот Каш во југоисточниот дел на Иран во близина на границата со Пакистан.
Земјотресот е регистриран на 201 километар југоисточно од иранскиот град Захедан и 250 километри северозападно од Турбат во Пакистан, на длабочина од 15,2 километри по површината на Земјата.
Телевизијата Ал Арабија информира дека при потресот во Иран загинале најмалку 40 лица, додека, како што јави ДПА, уште шестмина други ги загубиле животите во Пакистан.
Според регионалниот центар за катастрофи во пакистанскиот град Квета, пет лица загинале во областа Харан во провинцијата Балуџистан, а уште едно лице го загубило животот во областа Вашук.
Неколку згради во главниот град на Балуџистан, Квета, како и во јужното пристаниште Карачи биле оштетени.
Компанијата „Атомстројекспорт“ соопшти дека иранската нуклеарна централа „Бушер“ не е оштетена при силниот земјотрес. Областа во која се наоѓа нуклеарката на 9 април беше погодена од земјотрес со интензитет од 6,3 степени според Рихтер, при што загинаа 37 лица, а беа повредени над 850 други.
Денешниот потрес е почувствуван и во регионот на Персискиот Залив, као во делови на Индија. Во главниот град на Индија, Њу Делхи повисоките згради се нишале десет секунди како последица на потресот, при што голем број граѓани во паника излегле на улиците.
Според очевидци згради се нишале и во Катар и Дубаи, каде повеќето граѓани исто така излегле на улиците. Во Дубаи делумно е оштетена зградата на Ал Арабија.