Од 21 до 31 мај онлајн ќе се одржува 10. Филозофски филмски фестивал со наслов „Пролетни онлајн миграции“ во организација на Филозофското друштво на Македонија, Кинотеката и македонската VoD платформа Cinesquare, со поддршка на Град Скопје. Целосната програма на ФФФ со учество на домашни и странски гости ќе продолжи наесен.
Ревијално онлајн ќе бидат прикажани неколку краткометражни, среднометражни (првпат на Фестивалот) и долгометражни (документарни) филмови, а електронски ќе биде достапен темат „Филозофија и филм“ на националното списание „Филозофска трибина“.
Селекцијата од 20-ина кратки остварувања од целиот свет се по избор на Дејан Здравков. Победникот ќе ја добие наградата (статуетка) „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм и соодветна парична награда.
На еден од филмовите жирито ќе му додели и плакета за новооснованата награда „Стефан Сидовски-Сидо“ во чест на професорот, филозоф и филмофил, кој беше соработник на овој фестивал од неговите почетоци.
– „Онлајн миграции“ се замислени како солидарна културна акција на креативен отпор кон ограничениот пристап на идејно профилирани културни содржини оваа пролет, но и недостапноста на културата на граѓаните поради влошената економска состојба. Оттука, фестивалската програма на Cinesquare ќе биде достапна бесплатно и со поддршка на работата на режисерите коишто, исто така, се силно погодени од коронакризата. Првпат ќе биде доделена парична награда за победникот во Селекцијата на краткометражни филмови, наведуваат организаторите на ФФФ.
Покрај филмови, преку различни социјални платформи ќе бидат организирани повеќе активности. Останатата програма на ФФФ (Официјална селекција на долгометражни филмови, Ревијална програма „Филм-философија“, Меѓународна конференција „Филозофија и филм“, Едукативната програма и ФФФ Караванот) ќе се одржи наесен со учество на домашни и странски гости.