АМЕРИТ против протест, од Владата бара поконкретни мерки за помош

Од:

Асоцијацијата АМЕРИТ, која ги застапува товарни и патнички транспортни оператори, на национално и меѓународно ниво, денеска соопшти дека 80 проценти од 1.000 транспортни фирми што ги контактирале изминатиот период рекле дека нема да поддржат протест затоа што сметаат дека тоа нема да помогне за излез од економската криза поради коронавирусот. Со оглед на загубите кои ги трпи и ќе ги трпи секторот, укажува АМЕРИТ, Владата би можела да приднесе со поопширни и поконкретни мерки на дневна основа следејќи го текот на настаните.

Како што појаснуваат од АМЕРИТ, транспортот е сектор којшто очекувано е погоден од кризата со која се соочува цел свет, но и нашата држава, пред се, поради мерките за заштита на здравјето и намаленото движење на луѓето. За нас, потецираат, како и за сите сериозни компании здравјето на граѓаните е најважно и сметаме дека одговорно треба да се пристапува во санирање на економските последици.

Во однос на покачувањето на акцизата за нафтените деривати, наведуваат од асоцијацијата, цените на бензините на светските берзи и кај нас, со започнување на пандемијата драстично се намалија, а прогнозите се дека овој тренд ќе продолжи. Очекувано, земјите го балансираат намалувањето на цените на горивата со зголемување на даноците. Од друга страна, драстично е намален обемот на транспортот. Оттука, укажува АМЕРИТ, треба да се направи добра проценка како ова би можело да влијае на целокупниот бизнис со транспортот.

-Ставот на АМЕРИТ е ставот на превозниците. Контактиравме над 1000 транспортни фирми и бевме изненадени дека најголемиот дел, околу 80 проценти, иако погодени од состојбата, нема да поддржат протест, бидејќи сметаат дека нема да се постигне посакуваниот ефект. Сепак, ова повлекува барање за подетално образложение на ефектите од оваа мерка во јавноста, на транспарентен начин, но и гаранции за намената на собраните средства и нивна распределба онаму каде што е потребно, не изоставувајќи го товарниот транспортот, но и патничкиот превоз, кој бележи 100 проценти пад од почетокот на пандемијата, наведува во соопштение АМЕРИТ.

Во состојба со која се соочуваме првпат, истакнуваат, треба да бидеме општествено одговорни. Да помогнеме каде што можеме и да бараме помош кога ни треба. Со оглед на загубите кои ги трпи и ќе ги трпи секторот, владата би можела да приоднесе со поопширни и поконкретни мерки на дневна основа пратејќи го текот на настаните. Очекуваме Владата да донесе нов сет на мерки, со кои би се ставил мораториум на кредитите на транспортните фирми додека трае вонредната состојба, да се укинат субвенците за авионскиот превоз и железничкиот превоз, и конечно да се реши проблемот со дивите превозници, а со тоа и ќе се зголемат средствата во буџетот, велат од АМЕРИТ.

Оттаму наведуваат дека е рано за сумирање на загубите, но оти товарниот сектор трпи загуби од над 50 проценти. Тоа, појансуваат, се должи на намалениот обем на работа, откажани договори за транспорт, долги чекања на граници, па и затварање на границите за македонските превозници, каков што е случајот со Турција. Во секторот за превоз на патници, загубите се зголемени за 70 проценти со намалувањето на бројот на патници во внатрешниот превоз, а загубите за надворешен превоз се 100 проценти. Автобуските линии се редуцирани за 52 проценти, со тоа бараме под итно Владата да донесе мерка за ослободување од плаќање на надоместот за патарини бидејќи нашите македонски превозници секојдневно се со намален број на патници и колку е можно да ги намалиме и тие загуби кои што ги трпиме.

-Улогата на патниот транспорт во обезбедувањето на економска одржливост и континуитет е од суштинско значење и треба да се препознае како таква на национално и меѓународно ниво преку конкретни активности што го поддржуваат сегашниот и идниот успех на индустријата. Транспортот не смее да застане, па макар и на еден ден, да се поддржат компаниите но и возачите кои во состојба на пандемија сепак ги извршуваат своите задачи. Тоа е ставот на превозниците не само во Македонија, туку и во светот. Кога средствата се ограничени, мора да размислуваме како да опстоиме, но и како да продолжиме понатаму, порачуваат од АМЕРИТ.

Транспортната асоцијација Макамтранс за во вторник следната недела најави дека ќе организира протест преку кој ќе го изрази револтот од покачената цена на акцизата на горивата и ќе побара мерки од Владата за помош на транспортниот сектор. Од Макамтранс информираа дека испратиле допис до Министерството за внатрешни работи за одржувањето на протетсот, како и барањата до Министерството за транспорт и врски.

Би можело да ве интересира

Транспортерите на протест – наместо зголемена акциза бараат да се воведе прогресивен данок

Ана Ололовска

Лефтер Андонов назначен за управител на СИЗ „Македонија сообраќај“-АМЕРИТ

Ана Ололовска