Европската компанија за рециклирање гуми „Инова Технологии“ ќе инвестира во Македонија во Индустриската зона во Тетово. Договорот за инвестирање е потпишан денеска од министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Македонија Висар Фида и претставници на компанијата во Гебзе, Турција. Се очекува инвестицијата брзо да се реализира.
Компанијата е сопственик на најголемиот капацитет во Европа за рециклирање гуми преку пиролитички процес од кој се добиваат течно гориво,челична жица и тонер.
Компанијата „Инова Технологии“ практикува производствени процеси со примена на најнови технологии кои овозможуваат рециклирање гуми со целосно избегнување на загадувањето на животната средина кои инаку по природен пат имаат период на разложување од 1.000 години.
Проектот е инициран од промоторот на Македонија во Истанбул Филиз Вели и генералниот конзул Зерин Абаз.
Делегацијата ја посети и индустриската зона Гебзе Ѓузлер и индустриската комора на Коџаели, каде што се сретнаа и со претседателот на комората и претставници на компании од автомобилската индустрија. Беа договорени и посети на неколку компании во Македонија каде што домаќин ќе биде Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, изјави директорот Фида.