Достигнување на размената меѓу Македонија и Бугарија до една милијарда евра во наредните две, а две милијарди во следните две години се амбициозната цел што си ја постави Македонско-бугарската стопанска комора, во која членуваат 70 компании, а чиј нов претседател е Зоре Темелковски.
– Сегашната размена од околу 650 милиони евра е скромен придонес за потенцијалите на двете економии. Претприемачите и компаниите стануваат имуни на притисоците и предрасудите кога се во прашање македонско-бугарските односи. Мислам дека во последнава декада токму бизнис-заедницата го одржуваше интензитетот на контактите и ги затоплуваше повремено замрзнатите меѓудржавни односи. Токму таа заедница треба да биде гарант, стимулатор на владите побрзо да ги надминат политичките стереотипи, табуата, па и историските мистерии, вели Темелковски во интервју за порталот mkd.mk.
Според него, испуштени се три големи шанси за комплементарност на двете економии. Првата, во раните деведесетти кога од воведените блокади македонските компании и бизнисмени заработија преку 2-3 милијарди марки кои беа изнесени надвор од земјата во оф шор дестинациите. Втората шанса кога по агресивниот влез на грчкиот капитал во македонската економија не ја видовме шансата во европска Бугарија и третата слабост е стагнацијата во изградбата на инфраструктурата кон Бугарија.
Во интервјуто Темелковски истакнува дека кога се во прашање бизнисите имаме ист јазик за разбирање.
– Лингвистичките проблеми да им ги оставиме на политичарите, историските предрасуди на трагачите по архивите. Знам и тоа дека на нашите историчари се повеќе им се отвораат тајните бугарски депоа. Не смееме да бидеме заробеници на мала група историчари во двете средини. Поборник сум на правилото дека за филмовите треба да разговараат критичарите, рецензентите, а најмалку прагматичните политичари или премиери, вели Темелковски.
Тој посочува дека и во двете држави се уште слабости се неефикасната администрација и заштитата на странските инвестиции. Посочува дека нашето регионално поврзување и развој на економските релации во регионот зависи од отворени граници и рамноправни услови на пазарите за домашните и странски инвеститори.
– Неопходно ни е да го интензивираме сопствениот развој без поголем регионален пазар. Бугарија како членка на ЕУ треба да биде промотор за нова стратегија на Унијата кон Балканот за да не останеме технолошко-економско депо во „стара“ Европа. Мислам дека од бугарските тимови можеме да научиме како се подготвуваат проектите за европските фондови. Да не заборавиме дека Софија има влијателно лоби во институциите на Брисел кое знае како да се стигне до касата на Унијата, истакнува Темелковски.
На прашањето за тоа колку членството во СДСМ му помагало или одмагало во бизнисот, вели дека би бил неправеден ако каже дека позицијата на власт не носи привилегии, но, посочува, бев борец и со партиските истомисленици и со опозицијата кога им служев како алиби за нивните нелегални трансакции.
– Дел од тогашната владејачка лесно формирана олигархија го спречуваше развојот на постприватизациската претприемничка група од неколку стотина мали компании кои сега прераснаа во сериозни средни и носечки фирми на амортизирање на кризата. Мислам дека социјалдемократите не ја сфатија нивната иднина и моќ станувајќи заробеници на елитата што сами ја создадоа и ја форсираа. Токму таа им го сврти грбот и затоа меѓу другото завршува ерата на Црвенковски, вели во интервјуто Зоре Темелковски.