Еден од начините на кои се изведува контролата над власта е поставувањето прашања. Прашањата им се поставуваат на политичарите за да се разјаснат нештата, за да се добијат посоодветни информации или пак за да се разоткрие невистината. Секоја власт сака да се прикаже во најдобро светло, да даде информации кои зборуваат добро за неа и да ги прикрие оние кои зборуваат лошо. Тоа е нормално. И очекувано. Токму заради тоа луѓето имаат право да бидат информирани и да даваат информации.
Медиумите се наоѓаат во уникатна и привилегирана положба да можат да поставуваат прашања, да добиваат информации и да ги пренесуваат информациите. Прашањата не се дел само од интервјуата и контактните емисии. Тие се дел од изработката на секој напис или прилог, секоја вест и секоја пренесена прес конференција. Поставувањето прашања и инсистирањето да се добијат одговори на истите, односно, регистрирањето на отсуството на одговор или неточното одговарање, претставуваат sine quae non (услов без кој не се може) на новинарството.
Не е едноставно да се постави новинарско, осмислено и издржано прашање. Поставувањето на прашања бара посебна вештина и посебно знаење. За да се постави соодветно прашање треба:
Да се знае материјата за која што се прашува
Да се знаат конкретните елементи поврзани со содржината за која станува збор
Да се знаат потребите и интересите на граѓаните
Да се знаат начините на можна манипулација од страна на соговорниците и посебно начините за избегнување на одговорите
Генерално, новинарите во Република Македонија не поставуваат прашања. Не поставуваат прашања на прес конференции, не поставуваат прашања во своите написи, не ги проблематизираат изјавите на функционерите и не ги доведуваат до контрадикторност во моментот кога даваат неосновани изјави или ја заобиколуваат вистината.
Новинарите не поставуваат прашања на прес конференции
Прес конференциите постојат заради тоа новинарите да имаат можност да поставуваат прашања, да ги растргнат говорниците, да ги доведат до плачење, да не знаат каде да погледнат.
Прес конференциите во Македонија се едноставно места на кои одредена личност си чита изјава, а новинарите запишуваат и потоа ја пренесуваат интегрално или во скратена форма. Само како пример може да се издвои исклучително провокативната и контроверзна изјава на министерот за здравство Никола Тодоров, после која следи едно срамежливо и апсолутно бесмислено прашање и молк. И се разбира, пренесување на изјавата без никаков коментар. И ова не е исклучок, туку правило.
Дел од медиумите едноставно пренесуваат интегрален текст на изјави, говори на претставници на власта. На пример, интегралниот текст на говорот на Никола Груевски во својство на претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Многу слична е и информацијата: Македонија наскоро дел од гасоводот „Јужен тек“. Новинарот се задоволува со добиената информација дадена од надлежниот орган и не поставува прашања за тоа:
Дали е ова најдоброто решение за Македонија кое можело да биде постигнато?
Зошто Македонија е дел од еден крак, а не е постигнато гасоводот да поминува низ државата?
Кои се условите на договорот?
Колку ќе биде цената на крајот?
Ваквото пренесување на говорите на претставници на власта може да се смета единствено како пропаганда, а не и како новинарско информирање.
Активностите на политичарите треба да се коментираат
Многу често новинарите едноставно се задоволуваат со пренесување на активностите на државните службеници без анализа на содржината на овие активности и проблематизирање на процедурите поврзани со нив. На јавноста се остава понатаму да истражува, да става во контекст, да бара образложение.
На пример во информацијата под наслов „Нова детска градинка во Ѓорче Петров“ недостасуваат прашања на новинарот за тоа:
Зошто баш сега се промовира изградбата на новата градинка?
Дали доколку на изборите победи градоначалник кој не припаѓа на владејачката политичка партија градинката сепак ќе се гради или пак градењето е поврзано со победа на владејачката гарнитура на локалните избори?
Колку деца собира старата градинка?
Зошто не се изгради нова градинка покрај постоечката?
Колку деца има во општината и како ќе се обезбеди згрижување на сите деца?
Зошто досега не бил направен ваков проект?
Зошто не се изгради градинка на друго место во општината?
Или, информацијата „Во еден ден министерот Спиро Ристовски ќе пушти три градинки“ за читателот нема никакво значење без прашањата:
Каде се отворени овие градинки?
Зошто се отворени баш таму, а не на некое друго место?
Дали имало потреба од нив?
Колку деца ќе бидат згрижени?
Зошто се отворени баш сега пред изборите, а не пред или после нив?
Во слична насока може да се постават и прашањата поврзани со информацијата под наслов: „Трајановски: ќе се реши водоснабдувањето во Шуто Оризари“.
Само на ваков начин јавноста може да ги добие потребните информации и да биде анимирана за натамошна активност, односно, некритичкото пренесување на изјави на државните функционери не може да се смета за информирање.
На пример, под насловот „Почнаа подготовките за ИПА 2 за периодот 2014-2020“ е дословно пренесена презентацијата на ИПА 2 во Владата на Република Македонија. Меѓутоа, она што недостасува во медиумското информирање, тоа се прашања за тоа:
Што се случило со досегашните ИПА програми?
Колку се искористени?
Зошто е такво нивото на искористување?
За кои области биле до сега, а за кои области се однесуваат новите?
Само на ваков начин јавноста може да реагира на евентуалните недоследности на досегашното постапување поврзано со ИПА фондовите и да побара евентуална одговорност.
Потполно истоветен на претходниот е и написот под наслов „Во администрацијата систем за вработување според заслуги“ во кој е пренесено интервјуто на министерот Ивановски за МИА. Недостасуваат прашањата:
Што се случи со претходните закони за администрација?
Дали до сега имаше зголемување или намалување на критериумите за вработување?
На кој начин ова ќе се комбинира со правичната застапеност и рамковните вработувања?
Што се случува со вработените во администрација кои седат дома и примаат плата?
Како кореспондира ова со законските промени кои предвидуваат отсуство на пракса при полагање на правосуден испит?
Дали ќе има разлика меѓу државна и јавна администрација?
Медиумите не поставуваат прашања за потребноста на одредена активност.
На пример во случајот со информацијата под наслов „Обновени три училници во Горно Коњари и во Сушица“ новинарите не поставуваат прашања:
Зошто било потребно да се потрошат толку пари за обновување на овие училници?
Дали на ваков начин децата добиваат еднакво квалитетно образование како другите деца?
Дали нема други алтернативни начини за решавање на проблемот повеќе во контекст на најдобриот интерес на децата (на пример организиран превоз и сл.)?
Дали е ова решението кое го барале родителите?
Или на пример информацијата под наслов „ВМРО ДПМНЕ: Додека СДСМ беше на власт 360.000 семејства живее во дивоградби“. Ниту еден новинар не го поставува прашањето за самиот момент на легализација на нелегални градби.
Дали е тоа во ред?
Зошто и кога се прави?
Кои се негативните последици?
Кои се границите?
Дали е воопшто добро да се прави?
Без овие прашања јавноста стекнува впечаток дека легализацијата, а со тоа и градењето на дивоградби е позитивно нешто, пракса која треба да продолжи и која едноставно треба да биде вметната во законските решенија.
Или информацијата под наслов „Исплатени 455,3 милиони денари субвенции за сточарите“. Новинарот ја пренесува информацијата без да постави прашања за тоа:
Дали субвенциите се доволни?
Каков е соодносот со ситуацијата од претходната година?
Колку се издвојува за земјоделието како една од носечките гранки споредено со другите гранки?
Какви се искуствата со префрлање на средствата од претходните години?
Дали се намалува увозот на продуктите за кои државата издвојува субвенции?
И, секако, врз основа на што е донесено решението токму овие и вакви субвенции да бидат дадени, а не некои други?
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).
Пишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права