Чадиковски даде отказ од „Жан Митрев“, болницата останува без детски кардиохирург

Од:

Владимир Чадиковски, единствениот детски кардиохирург попладнево даде отказ од болницата „Жан Митрев“, со која државата има склучено јавно приватно партнерство. Освен Чадиковски, откази најавуваат и останатите членови на тимот кои кон почетокот на годинава преминаа од државната клиника во болницата „Жан Митрев“, како дел од јавното – приватно партнерство што го најавија Министерството за здравство и Фондот за здравство.

Чадиковски во краток разговор ја потврди информацијата дека дал отказ, но не сакаше да навлегува во причините за ваквиот чекор.

Неофицијално, станува збор за неисполнетите услови што претходно им биле ветувани на докторите и персоналот кој од државната клиника премина во приватната, како и за различните концепти на функционирање што ги имале Чадиковски и Митрев.

Минатата недела од Министерството за здравство изјавија дека дека има извесни несогласувања, но очекуваат тие да бидат надминати.

„Нашите информации се дека има некои несогласувања што се однесуваат на тековните работи и сметаме дека тие можат да бидат надминати. Оставки не ни се најавени, но дури и да се случат, тоа нема да ги загрози пациентите. Тие и понатаму ќе ја добиваат услугата на товар на Фондот бидејќи болницата има склучено годишен договор за операции на деца до една година и целата експертиза е таму, концептот нема да се наруши. Има и гости од Србија, кои им помагаат на докторите, а и самата клиника  вложува голем дел од своите капацитети за децата до една година. Целта на ова некласично јавно приватно партнерство беше да добиеме подобри услови за децата и таа е постигната“, кажаа од Министерството за здравство, нагласувајќи дека клиниката била избор токму на тимот од детска клиника чии членови решиле да дадат оставки во јавното здравство и да преминат во „Жан Митрев“.

Во април годинава, пак, на заедничка прес-конференција докторите Владимир Чадиковски, Жан Митрев, министерот Венко Филипче и директорот на Фондот за здравствено осигурување Даниел Дончев известија дека го здружиле квалитетот и стручноста и го надминале непријателскиот однос меѓу јавното и приватното здравство, што резултирало во подобри услови за пациентите.

Заедно со Чадиковски во „Жан Митрев“ се преселија четворица педијатри, двајца анестезиолози и три сестри. Тие дадоа оставки од детската клиника, а добија вработувања во „Жан Митрев“. Истовремено Фондот за здравствено осигурување извести дека договориле на клиниката да ѝ префрлат 65 милиони денари за операции на деца до една година. Директорот Дончев објасни дека истата сума за операции на деца ја префрлале и на детската клиника во периодот кога кај нив функционирала детската кардиохирургија.

Од Клиниката „Жан Митрев“ не одговорија на прашањата од „А1он“ за несогласувањата со тимот дојден кај нив од детската клиника.