Вчера, 05.08.2019, во градскиот парк се одржа отворањето на 16-тото Светско првенство во параглајдерство кое ќе трае до 18 август со 150 учесници од рекордни 49 земји.
Меѓу другите на отворањето се обрати градоначалникот на општина Крушево и пред присутните порача дека Крушево ќе продолжи да работи на унапредување на условите за развој на параглајдингот со цел Крушево да стане најдобра дестинација за авантуристички туризам.
„Чест е да бидеме домаќини на едно вакво првенство многу важно за нас како домаќини и вие како учесници. Сакам да знаете дека продолжуваме да ги унапредуваме условите за развој на параглајдинг во Крушево затоа што наша амбиција е градот да стане најдобра дестинација за овој спорт во светот“, рече градоначалникот на општина Крушево.
Во градскиот парк Крушево учесниците и крушевчани се забавуваа со настапот на групата Фолтин, што претставува уште една традиција кога се организираат вакви првенства.