Во демирхисарското село Слепче денеска попладне официјално ќе биде отворена фабриката за производство на балетски обувки и опрема „Гришко Македонија“, која е гринфилд-инвестиција на познатата руска компанија.
„Гришко“ произведува папучи, чевли за сите танцови стилови, театарски костими, облека за фитнес, јога и други слободни спортски активности. Производите ги има во над 60 земји на повеќе континенти.
Директорот на „Гришко“, Николај Гришко, во октомври минатата година беше во Македонија и имаше средби со министерот за странски инвестиции Бил Павлески и со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, кога искажа подготвеност за поддршка на балетската уметност во Македонија и подобрување на условите во кои работат играчите на Балетот. На средбата во Министерството за култура тогаш тој донираше и книги – стручна литература од областа на балетот.
На свеченото отворање на фабриката денеска ќе се обрати министерот Павлески, а по официјалниот дел, Македонската опера и балет ќе одржи концерт во Домот на културата во Демир Хисар.