Избраните од натпреварот за плакат „Вклучи, не исклучувај!” на работилница за дизајн во Преспа

Од:

Во рамки на „Скопје постер фестивал“, во преспанското село Брајчино ќе се одржи еднонеделна работилница за дизајн за подигнување на свеста за инклузијата. Студентите по графички дизајн чии дела беа избрани од жири на европскиот натпревар за плакат на тема „Вклучи, не исклучувај!” една недела ќе творат под менторство на Стефан Бунди од Швајцарија и македонскиот професор Костадин Танчев-Динка.

На натпреварот организиран од Здружението на графички дизајнери „Плакарт“ пристигнаа апликации од цел свет. Осумте финалисти од Полска, Португалија, Русија, Србија, Турција и од земјава кои ќе учествуваат на работилницата во Преспа се селектирани од стручно жири во кое покрај менторите Бунди и Танчев-Динка се и претставник на Швајцарската амбасада и проф. Лазе Трипков – претседател на „Плакарт“.

Како дел од еднонеделната програма учесниците ќе посетуваат институции што работат со лица со попреченост, лица кои се лекуваат од зависности и други социјално исклучени групи на граѓани, што би придонело во креативниот процес за создавање инспиративни силни пораки – плакати за да се поттикне пошироката јавност да го прифати вклучувањето. Во наредните месеци, постерите од натпреварот ќе бидат промовирани во неколку други активности во областа на социјалната инклузија, поддржани од Швајцарската амбасада.

Како што наведува „Плакарт“, иако Северна Македонија неодамна воведе инклузивно образование, Министерството за труд и социјална политика објави поразителна статистика според која повеќе од половина од овие лица се со основно образование или, пак, воопшто немаат образование.

– Во Преспа ќе креираме решенија за да ја освестиме јавноста, институциите, установите во она што треба да е стандардно декување во 21 век. Го користиме нашето најголемо „оружје“ – дизајнот за да креираме плакати, кои јасно, гласно, моќно ќе говорат во серијата изложби низ државата дека сме многу далеку од остварување соодветна инклузија. Токму од Преспа ќе испратиме порака за почитување на основните човекови права како партиципативност, еднаквост, пристапност и почитување на правата и индентификувањето на лицата, а пред се на децата со попреченост, изјави Лазе Трипков, претседател на „Плакарт“

Би можело да ве интересира

Српскиот графички дизајнер Славимир Стојановиќ гостува на 11. Скопје постер фестивал

Ана Ололовска

Јубилеен Скопје постер фестивал од 14-ти до 25 ноември

Ана Ололовска

Прогласени победниците на Скопје Постер фестивал

Ана Ололовска

Осми „Скопје постер фестивал“ од 30. ноември

Ана Ололовска