Годинава повеќе икра за вештачки мрест на ендемичната охридска пастрмка

Од:

Досегашните активности од измолзувањето и собирањето икра на ендемичниот вид охридска пастрмка укажуваат на подобрување на состојбите кога станува збор за фондот на тој вид риба во Охридското Езеро. Потврда на тоа се досега собраните количества квалитетна икра за вештачки мрест, но и повторното појавување на пастрмката на некои од поранешните мрестилишта во езерото.
Споредбено со минатата година кога вкупно беа собрани 1,2 милиони зрна икра за вештачки мрест, на половината од оваа сезона досега се измолзени 1,7 милиони зрна икра, што е за некаде 40 проценти повеќе, а очекувањата на експертите се дека до крајот на оваа сезона на измолзување да бидат собрани над два милиони зрна икра.

Зоран Спиркоски, раководител на Одделението за аква-култура при Хидробиолошкиот завод во Охрид смета дека токму издавањето на езерото под концесија, односно тоа што езерото сега има стопан што ќе се грижи за рибниот фонд, веќе дава резултати. Впрочем, како што потсети тој, токму таквите очекувања и забелешки беа наведени во мислењето и рибиловните основи што Заводот ги достави до ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Тоа и се покажа на дело, дека физичкото обезбедување на рибните плодишта сега е далеку подобро во споредба со минатитте година кога истото се спроведуваше на друг начин. Може да се каже дека навистина тоа ќе продолжи, не само кога станува збор за пастрмката, туку и за останатите видови риба, рече Спиркоски.

Истовремено од научен аспект како мошне позитивен тој го наведе податокот што пастрмката повторно се враќа на природен мрест на локалитетите кај Трпејца и Пештани. Но, истовремено забележа дека пастрмката се уште ја нема на природните мрестилишта кај охридскиот дел од езерото.

Би можело да ве интересира

Специјален вид на фока и на ајкула во Валонски Залив

Ана Ололовска

Аквапоника: Метод за одгледување риби и зеленчук на едно место

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Голем помор на риби во езерото „Мантово“

Емир Латифовиќ

Помор на риби во Смојмирска Река кај Берово

Емир Латифовиќ