Во вторникот во просториите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје првпат се одржа донаторска забава на алумни-заедницата и заедницата на пријатели на Факултетот.
Донаторската забава беше наменета за собирање средства за модернизирање на студентските простории: читалницата, амфитеатрите, предавалните, сè во интерес на унапредување на условите за работа на сегашните и идните генерации студенти.
Над сто поранешни студенти на Правниот факултет, а сега веќе носители на политички функции, истакнати адвокати, нотари и извршители, успешни менаџери во приватниот сектор, се собраа на оваа забава за несебично да ја дадат својата поддршка во унапредување на условите за студирањето на сегашните и идни студенти, но и да се навратат на безгрижните студентски денови.
„Еуролинк осигурување“ како истакнат поддржувач на образованието ја даде својата поддршка со 900.000 денари, додека претседателот на Надзорниот одбор на „Еуролинк осигурување“,г-ѓа Олга Костовска, лично донира 300.000 денари.