Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан беше во работна посета на Турција каде што оствари средби со министерите за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, за трговија Рухсар Пехџан и со министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк.
Како што соопштија од неговиот кабинет, на средбите се разговараше за актуелните политички и општествени случувања во двете земји, пријателските односи меѓу нив кои, се наведува, секогаш биле одлични како и за унапредувањето на взаемната соработка. Министерот Хасан ги презентираше тековните услови за инвестирање, потенцијалните проблеми и нивните решенија, а најмногу внимание било посветено на ратификувањето на протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО.
-Република Турција секогаш била најсилен сојузник во борбата за влез на нашата држава во ЕУ и НАТО и најголема поддршка Северна Македонија добивала токму од Турција. И покрај тоа што Република Турција е еден од најголемите инвеститори во нашава држава, се констатираше дека сточарството, текстилот и технологијата се области кои се од интерес за нови инвеститори. Разгледана беше опцијата за извоз на јагнешко месо, кое е споменато и претходно, стои во соопштението.
Министерот Хасан во текот на престојот во Турција оствари средба и со ТИКА, Агенција која реализира успешни проекти кај нас. Исто така, министерот ја посети и Дирекцијата за турска дијаспора и сродни заедници (ЈТБ), која им овозможува стипендии на млади од целиот свет, вклучувајќи ги и младите од Република Северна Македонија. Ваквите средби, ги зајакнуваат односите и ја потврдуваат взаемната поддршка и почит на двете држави, како и развојот на економската соработка која е секогаш во интерес на граѓаните од двете земји, се посочува во соопштението.