Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај го прими денеска на прва официјална средба новиот дипломатски претставник на Македонија во Косово, Реџеп Салиу, при што ги оцени како одлични односите меѓу двете соседни земји, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај, како што објави на својата страница на „Фејсбук“, на средбата ја изразил посветеноста на неговата Влада за градење на добрососедски односи со Македонија.
„На средбата за запознавање со вршителот на работите на Северна Македонија во Косово, Реџеп Салиу, ја изразивме нашата волја за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на партнерството во областите од заеднички интерес меѓу нашите две земји. Косово останува посветено на добрососедските односи и во тој правец нашите односи со Северна Македонија се одлични“, напиша Харадинај.