Заострување на санкциите на ОН против Северна Кореја

Од:

Советот за безбедност на ОН едногласно изгласа досега најостри санкции против Северна Кореја поради ракетната програма на Пјонгјанг. Санкциите вклучуваат забрана за извоз на над една милијарда долари, што е голем удар за Северна Кореја, која лани извезе стоки во вредност од над три милијарди долари.

Северна Кореја минатиот месец тестираше две интерконтинентални балистички ракети, тврдејќи дека сега има можност да изврши напад врз целата територија на САД.

Санкциите ги засилуваат постојните ограничувања за извоз на јаглен, железо и железна руда, а целосно го забрануваат извозот на олово, оловна руда и морски плодови. Резолуцијата изготвена од САД исто така им забранува на земјите да го зголемат бројот на работници од Северна Кореја во странство, забранува заеднички инвестиции со Северна Кореја и какви било вложувања во тековните заеднички проекти.

Со резолуцијата се додаваат деветмина поединци и четири правни субјекти на црната листа на ОН, вклучувајќи ја и главната девизна банка во Северна Кореја, со што им се замрзнуваат средствата во странство и им се забранува патување.

Северна Кореја е под санкции од ОН од 2006 година поради нејзините програми за нуклеарно оружје и за балистички проектили. Сепак, санкциите не го одвратија Пјонгјанг од развој на ракетите.