Член на криминалната група „Пинк Пантер“, кој во мај избега од швајцарски затвор, вчера е уапсен во Франција, соопшти денеска француската полиција.
Уапсениот е роден во Црна Гора и има француско и македонско државјанство. Тој е обвинет поради членство во бандата „Пинк Пантер“, позната по кражби на златарници.
Полицијата привела 47-годишен маж од неговиот дом во реонот на Монпелје. При апсењето тој се обидел да избега преку прозорец.
По уапсениот има издадено две меѓународни потерници. Тој на 14 мај, заедно со уште четворица арестанти избегал од швајцарскиот затвор Боа-Мерме, во близина на Лозана. Двајца од нив се уште се на слобода, меѓу кои и водачот на групата, 45-годишниот Србин.
Криминалната група „Пинк Пантер“ е позната по кражбите на накит во цел свет. Се претпоставува дека е составена од околу 200 луѓе од земјите на поранешна Југославија. Се проценува дека во последните десет години украле накит во вредност од над 250 милиони евра.