(ВИДЕО) Трамп го пречека Си во Белата куќа: „Никогаш не сме се сложувале подобро“

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг ја истакнаа важноста на соработката меѓу САД и Кина за време на свечената вечера во Белата куќа приредена во чест на кинескиот лидер.

Со вечерата заврши вториот ден од посетата на Си на САД, во рамки на која двајцата лидери разговараа за односите меѓу двете најголеми светски економии.

„Претседателот Си и јас разбираме дека претставуваме различни системи, но врските меѓу нашите народи траат и никогаш не сме се согласувале подобро“, изјави Трамп.

Тој Си и неговата сопруга Пенг Лијуан ги нарече „навистина извонредни луѓе“ и на кинескиот претседател му подари статуа на орел, национален симбол на САД.

„Заедно можеме да продолжиме да градиме однос кој ќе промовира просперитет и безбедност за идните генерации“, рече Трамп.

Си му се заблагодари на Трамп и на неговата сопруга Меланија за гостопримството, оценувајќи дека разговорите довеле до приближување на ставовите за повеќе прашања.

„Кина и САД мора одговорно да се однесуваат како големи сили, да одговорат на очекувањата на своите граѓани, да се приспособат на промените во светот и да најдат начин за стабилни односи и соработка“, порача Си.

Во писмен говор објавен од кинеската државна агенција „Ксинхуа“, Си нагласи дека односите меѓу двете земји треба да се темелат на соработка, а не на ривалство. Тој повика на стабилизирање на односите преку соработка, одмерена конкуренција и мирно решавање на несогласувањата.

Во текот на разговорите, Си ги повика 100.000 американски државјани да студираат во Кина. Пекинг најави и дека, во рамки на таканаречената „панда дипломатија“, ќе испрати две панди во американска зоолошка градина како знак на пријателство.

Трамп, пак, најави дека двете земји ќе продолжат да разговараат за прашања поврзани со безбедноста, технологијата и вештачката интелигенција, која ја нарече „суперинтелигенција“.

Американскиот претседател оцени дека одлуките донесени во овие области би можеле да влијаат врз мирот и просперитетот во наредните децении.

Посетата започна со свечен пречек на кинескиот претседател и неговата сопруга во Вашингтон. При церемонијата, Си и Пенг беа пречекани од деца со букети цвеќе, а над нив прелетаа два бомбардери Б-1.

На свеченоста имаше и почесна гарда од 21 член, топовски плотун и настап на оркестарот на американските воздухопловни сили, кој ги изведе химните на двете земји.

Си ќе ја заврши посетата на САД во петок. Во рамки на посетата се очекува разговор и за меѓународните конфликти, меѓу кои војната во Иран и руската инвазија врз Украина.

Ова е прва посета на Си на Белата куќа од 2015 година, кога американски претседател беше Барак Обама. Во 2023 година Си престојуваше во САД, каде што учествуваше на самитот на АПЕК во Калифорнија и се сретна со тогашниот претседател Џо Бајден.