ВИДЕО: Спасувачите трагаат по преживеани по страотниот земјотрес во Индонезија

Од:

Најмалку 47 лица загинаа во силниот земјотрес што во саботата го погоди индонезискиот остров Флорес, додека спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по преживеани под урнатините.

Земјотресот со магнитуда од 7,7 степени се случи нешто пред 05:00 часот по локално време, на длабочина од 15 километри, соопшти индонезиската метеоролошка и геофизичка агенција.

Според прелиминарните податоци на Националната агенција за управување со катастрофи (BNPB), повеќе од 900 куќи и стотици други објекти претрпеле сериозни оштетувања. Регистрирани се и 341 последователен потрес.

Најтешко погодена е провинцијата Мангараи, каде се пријавени 24 жртви. Во Источен Мангараи загинале 17 лица, три во Сика, а по едно лице во Нгада, Енде и Западен Мангараи.

Најмалку две лица се тешко повредени, а 11 се здобиле со полесни повреди.

Повеќе од 5.000 луѓе се сместени во евакуациски центри, а до погодените подрачја се испратени околу 10.500 пакети со помош. Од BNPB велат дека обезбедувањето храна, вода и основни потреби за евакуираните е еден од главните приоритети.

Земјотресот предизвикал големи штети во оддалечени и планински подрачја, поради што проценката на целокупната материјална штета ќе потрае. Првичните информации укажуваат дека тешко се оштетени повеќе од 150 куќи, десетици образовни установи, здравствени објекти, верски објекти и административни згради.

Драматични сцени се забележани и во пристаништето во Маумере, најголемиот град на Флорес. На снимките се гледа како големи парчиња бетон се уриваат од терминалната зграда врз патници кои чекале да се качат на траект. Неколку лица паднале во морето откако се урнал пристапниот мост кон бродот.

Гувернерот на Источна Нуса Тенгара, Емануел Мелкиадес Лака Лена, изјави дека дел од жртвите биле затрупани во своите домови додека спиеле.

По првичниот земјотрес било издадено предупредување за цунами, поради што околу 2.000 луѓе самостојно се евакуирале. Предупредувањето било укинато околу три часа подоцна, откако не било забележано значително покачување на нивото на морето.

Сепак, одроните блокирале пристап до некои села, што дополнително ја отежнува спасувачката операција. Во Рутенг бил поставен и привремен медицински шатор пред болница за да се згрижат повредените.

Индонезиските власти ги повикаа граѓаните да останат смирени, да се оддалечат од крајбрежните подрачја и да не влегуваат во објекти кои покажуваат знаци на оштетување.

Индонезија е едно од најсеизмички активните подрачја во светот и се наоѓа на местото каде што се среќаваат три големи тектонски плочи, во таканаречениот „Пацифички огнен прстен“.