Десет затвореници, кои се сметаат за „вооружени и опасни“, избегале од затвор во Њу Орлеанс во петокот наутро и се верува дека имале помош одвнатре, соопшти Канцеларијата на шерифот на округот Орлеанс. Тројца затвореници се фатени, додека седум се уште се во бегство.
Првично, канцеларијата на шерифот изјави дека избегале 11 затвореници, но подоцна во петокот го поправи бројот. Кит Луис беше погрешно идентификуван како бегалец, изјави шерифот Сузан Хатсон на прес-конференција.
„Нема начин некој да излезе од овој објект без помош одвнатре“, рече Хатсон. Затворениците биле откриени како исчезнати при рутинско пребројување во 8:30 часот по локално време, а се верува дека избегале веднаш по полноќ.
Според шерифот, затворениците околу 12 часот и 23 минути ја откорнале лизгачката врата од ќелијата, а во 01 часот и 10 минути по пробивајќи го ѕидот зад тоалетот, избегале од затворот.
Канцеларијата на шерифот објави видео од бегството, на кое се гледа како затворениците бегаат од затворот и го минуваат автопатот. Освен тоа, избеганите оставиле навредливи пораки за чуварите, меѓу кои и натпис „премногу лесно, LOL“.
Вчера, државната полиција на Луизијана објави дека тројца од заробените биле префрлени во „безбеден државен објект“ и дека потрагата по другите е сè уште активна и во неа се вклучени повеќе агенции. Наградата за информации кои ќе доведат до апсење на бегалците е зголемена на вкупно 12.000 американски долари (10.750 евра).
Хатсон истакна дека најверојатно имало безбедносен пропуст и дека затворениците имале помош од персоналот или замениците. Таа исто така нагласи дека бравите на ќелиите се неисправни и дека со години барала средства за надградба на безбедноста, но безуспешно.
Еден од бегалците, Кендел Мајлс, беше фатен во центарот на Њу Орлеанс благодарение на препознавањето на лицето на надзорната камера и беше пронајден како се крие под автомобил во гаражата на хотелот Монтелеоне. Другите затвореници, Роберт Муди и Дкенан Денис, исто така беа вратени во затвор во петокот.
Полицијата објави дека остатокот од бегалците најверојатно се уште се во Њу Орлеанс Локалните, државните и федералните агенции, вклучително и ФБИ и американските маршали, учествуваат во потрагата. Повеќето од бегалците се обвинети за убиства или други насилни злосторства, а полицијата преселила некои жртви и нивните семејства заради безбедност.
Јавноста е предупредена дека секој што ќе им помогне на бегалците ќе биде кривично гонет. Канцеларијата на шерифот делумно ја обвинува градската влада за недостигот на средства за подобрување на безбедноста, наведувајќи дека замената на бравите во затворот чини 5,2 милиони долари (4,66 милиони евра).