ВИДЕО: Америка и Израел одат на избори, последици ќе има целиот свет

Од:

Во наредните две недели, гласачите во Израел и во Соединетите Американски Држави ќе излезат на избори, а исходот од гласањето на двата континента ќе има директни последици за целиот свет, анализира Би-Би-Си.

Израелците избираат нов парламент, а една недела подоцна Американците ќе гласаат за новиот состав на Конгресот. Изборите се поврзани и преку гласачите. Организацијата „Републиканци во странство – Израел“ проценува дека околу половина милион Израелци со американско државјанство имаат право на глас на двата изборни процеса. Според претседателот на организацијата, Марк Зел, нивните гласови би можеле да бидат пресудни во неизвесните трки во САД, особено во Мичиген.

Сепак, клучната поврзаност меѓу двете земји е заедничката војна против Иран. Воздушните напади, кои почнаа во февруари, уништија бројни воени цели и елиминираа дел од иранското раководство, но не го соборија режимот во Техеран. Иран возврати во Персискиот Залив и ја презеде контролата врз Ормускиот Теснец, блокирајќи го транспортот на енергенси и предизвикувајќи раст на цените на нафтата во светот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во предизборната кампања отворено најавува можност за нов напад врз Иран, тврдејќи дека расте нуклеарната закана од Техеран, без да презентира докази. На тој начин се обидува да го врати угледот на лидер кој гарантира безбедност, сериозно нарушен по нападот на Хамас на 7 октомври.

Доналд Трамп јавно го поддржа Нетанјаху, порачувајќи дека двајцата треба „што побрзо да ја завршат работата во Иран“. Истовремено, протекуваат информации дека зад затворени врати сепак го ограничувал, стравувајќи дека новиот скок на цените на горивата непосредно пред изборите ќе им наштети на републиканците.

Во Израел сè погласни се шпекулациите дека Нетанјаху би можел да го нападне Иран веднаш по затворањето на избирачките места, додека сè уште ја извршува функцијата премиер, за под изговор на војната да наметне влада на национално единство и да ја зачува својата позиција.

Губењето на власта за него носи сериозни ризици. Тој би се соочил со официјална истрага за пропустите пред 7 октомври и со продолжување на судењето за корупција. Поради тоа, неговиот ривал, поранешниот началник на Генералштабот Гади Ајзенкот, веќе го отфрли учеството во таква влада, предупредувајќи дека воените напади не смеат да се користат за политички опстанок.

По изборите за Конгресот, и Трамп ќе има поголема слобода за дејствување доколку процени дека со нови напади може да го заврши конфликтот.

„По изборите тој влегува во фазата на создавање на своето политичко наследство. Ќе сака да покаже сила и одлучност во сè што може да му помогне да ги надмине домашните проблеми“, изјавил за Би-Би-Си неименуван западен дипломат.

Трамп јасно стави до знаење дека Нетанјаху е клучен за неговите планови.

„Ако Израел избере погрешен лидер, а тоа е секој освен Биби, Америка ќе мора сама да ја заврши работата, а тоа не ми е по волја“, изјави Трамп.

Поради ваквиот развој на настаните, властите во Техеран внимателно ги следат американските предизборни анкети, исто како и аналитичарите во Вашингтон.

Иранските претставници се закануваат дека, во случај на нови напади, ќе ги гаѓаат аеродромите, нафтоводите, енергетските постројки, објектите за снабдување со вода за пиење и подводните телекомуникациски кабли, покрај американските бази и воени бродови.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во авторски текст за „Фајненшл тајмс“ предупреди дека новите напади би ги изложиле цивилите, соседните држави и целата светска економија на непоправлива штета.

Двата изборни процеса се силно обележани од економската состојба и растот на трошоците за живот, кои дополнително се зголемија по затворањето на Ормускиот Теснец од страна на Иран.

Во обид да ги смири гласачите пред изборите, Трамп ги укина санкциите за увоз на руски дизел и го засили притисокот врз Украина да направи отстапки, настојувајќи тоа да го претстави како надворешнополитички успех.

Ова предизвикува сè поголем отпор и во редовите на републиканците. Сенаторот Том Тилис отворено порача дека цените на горивата ќе се намалат со решавање на проблемот со Иран, а не со правење услуги на Владимир Путин.

Војната со Иран и воените операции во Газа и на Западниот Брег го нарушија долгогодишниот политички консензус во Вашингтон за помошта за Израел.

Кандидатот на левото крило на Демократската партија за Сенатот во Мичиген, Абдул Ел-Сајед, во кампањата бара прекин на испораките на оружје за Израел.

„Соjузник што ги зема вашите пари за да ве вовлече во војни во кои воопшто не треба да учествувате, воопшто не е сојузник“, изјави тој.

Друг демократски кандидат за Конгресот, Бред Лендер, непосредно пред изборите отпатува на Западниот Брег за да им помогне на Палестинците во бербата на маслинки. Израелската војска накратко го задржала.

И самиот Нетанјаху предупредува дека Израел во иднина би можел да остане без целосната американска заштита. Доколку ја загуби власта, ќе заврши и неговото непредвидливо сојузништво со Трамп, кој во истата недела го фалеше како голем воин, а во текот на летото изјави дека целосно го загубил разумот.

Доколку во Израел дојде нова влада, а демократите освојат мнозинство во американскиот Конгрес, тоа би можело да доведе до намалување на воената помош за Израел. Сепак, Трамп како претседател ги задржува правото на вето и извршните овластувања за водење војна.

Одлуката на Израел и САД на почетокот на годината да влезат во војна со Иран ги промени глобалната економија и меѓународната политика, потсетува Би-Би-Си.

Токму затоа, изборите во двете земји нема да ги одредат само имињата на новите пратеници, туку и иднината на регионот и цените на енергенсите во остатокот од светот.