(ВИДЕО) 32 лица се повредени во судир на бродови на Мисисипи

Од:

Нема загинати ниту сериозно повредени по судирот помеѓу танкер и речен крузер на реката Мисисипи во Њу Орлеанс; сепак, 32 лица се пренесени во локалните болници со полесни повреди, објави денеска британскиот весник „Гардијан“.

Инцидентот се случи кога танкерот „Атлантик асфалт“ (Atlantic Asphalt) удри во бродот „Американ херитиџ“ (American Heritage), кој бешел закотвен за да се симнат патниците. Во моментот на судирот, на крузерот имаше 197 патници, а неколкумина завршија во студената река по ударот. Благодарение на брзата интервенција на повеќе спасувачки служби, сите патници и членови на екипажот се успешно спасени, а нема пријавени исчезнати лица.

Триесет и две лица се пренесени во локалните болници, главно со полесни повреди. Меѓу повредените има и двајца полицајци од пристанишната полиција кои учествуваа во спасувачката операција.

Американскиот претседател Доналд Трамп исто така го коментираше инцидентот, пофалувајќи ја Крајбрежната стража, полицијата и службите за итни случаи за „неверојатната работа“ што ја завршиле.

На својата платформа за социјални медиуми, „Трут соушал“ (Truth Social), тој напиша дека е вистинско чудо што никој не загинал во толку голем судир. Претставничката на градските власти во Њу Орлеанс, Хелена Морено, изјави дека се случило „чудо на Мисисипи“, изразувајќи олеснување што сите вклучени во сериозната несреќа преживеале.

Мелани Бурнам, командант на Крајбрежната стража на САД во Њу Орлеанс, соопшти дека прелиминарната истрага укажува оти танкерот ја изгубил контролата врз управувањето пред судирот.

Снимките од местото на настанот покажуваат како танкерот удира странично во крузерот, по што патничкиот брод постепено се навалува на страна.

Надлежните продолжуваат со истрагата за да ја утврдат точната причина за несреќата.