Излезот на Велика Британија од ЕУ може да доведе до распад на унијата, предупреди министерката за надворешни работи на Шведска, Маргот Валстром.
Бригзит, според нејзината оценка, може да предизвика домино-ефект по што ќе дојде до нови барања за референдум и повластени услови за другите земји.
-Тоа би можело да влијае на останатите членки на ЕУ кои ќе кажат: Ако тие можат да излезат, тогаш и ние би требало да имаме референдум и можеби и ние треба да излеземе“, изјави Валстром во интервју за ББС.
Домино-ефектот според неа би се почувствувал јако, независно од исходот на гласањето.
Останатите држави би можеле да го следат примерот на Британија и во случај мнозинството Британци да изгласаат останување во Европската унија.
-Ако останат тоа може да ги наведе другите држави да кажат: “ Тие преговараа, прашаа и бараа да имаат посебен третман, па зошто и ние не би побарале?“рече Валстром.
Шведската министерка изрази надеж дека Британија ќе остане во ЕУ, наведувајќи дека таа држава е важен економски партнер на Шведска но и со оглед дека таму живеат околу 90.000 Швеѓани.
Референдумот за останување на Велика Британија во ЕУ ќе се одржи на 23 јуни.