Меѓусебните напади меѓу Израел и Иран продолжуваат, додека конфликтот меѓу двете земји се продлабочува. Најмалку четири лица беа убиени во најновиот бран ирански ракетни напади низ Израел, додека десетици луѓе беа ранети – претежно во Тел Авив, Ерусалим и Хаифа.
ИДФ таргетираа неколку воени цели на иранска територија.
Портпаролката на иранската влада, Фатемех Мохаџерани, рече дека израелските пораки со кои се повикуваат жителите да ги евакуираат градовите се дел од „психолошките операции на непријателот“.
Мохаџерани, исто така, потврди дека интернет-врската во Иран „е забавена поради борбата против кибер нападите“ врз земјата.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, претходно предупреди дека жителите на Техеран ќе платат за нападите извршени од Иран врз израелските граѓани и ги повика луѓето да го напуштат градот.
Еден ден претходно, израелската војска издаде предупредување за евакуација, повикувајќи ги Иранците што живеат во близина на фабриката за производство на оружје да ја напуштат областа.
Во меѓувреме, според луѓе од Техеран, сè уште има многу метеж на патиштата што водат надвор од градот, а граѓаните повторно чекаат во редови за гориво, исто како и вчера.
Еден жител ми рече дека останува во Техеран затоа што „нема пријатели или семејство во други провинции и каде да оди“.
Висок командант на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) вели дека штетата што му е нанесена на израелскиот режим од операцијата „Вистинско ветување 3“ „далеку ја надминува“ она што режимот го очекувал.
Израелската авиокомпанија „Ел Ал“ објави дека ја продолжува суспензијата на комерцијалните летови поради „неодамнешни безбедносни настани“.
Компанијата објави дека целиот распоред на летови е откажан до 19 јуни, а летовите до голем број дестинации се откажани до 23 јуни.
Меѓу тие дестинации се: Берлин, Тбилиси, Барселона, Батуми, Варшава, Родос, Минхен, Тиват, Лисабон, Токио, Краков, Венеција, Солун, Марсеј, Крит, Кефалонија, Санторини, Кишињев, Белград, Тирана, Порто, Миконос, Лефкада и Москва.
Во исто време, компанијата ги блокираше сите нови резервации за заминувања до 30 јуни, но не прецизираше кога очекува да се врати на редовно работење.