Туск: Качински нема да ме исплаши

Од:

Претседателот на Европскиот совет, поранешниот полски премиер Доналд Туск, по повеќечасовното сослушување во Обвинителството во Варшава изјави дека нема од што да стравува поради обновената истрага за авионската несреќа во Смоленск пред седум години, кога загина тогашниот полски претседател Лех Качински.

Туск додаде дека лидерот на полските конзервативци, Јарослав Качински, кој инаку е брат на загинатиот претседател, не може да го исплаши.

Се работи за политички случај. Немам зошто да им се лутам на јавните обвинители кои ми поставуваа прашања. Атмосферата не остава сомнение дека на денешната власт правосудството и служи како оружје за борба против опозицијата и луѓето што не ги сака. Не треба да ја користат таа несреќа како чекан во борбата против опонентите – рече Туск.

Тој денеска беше сослушан во својство на сведок во истрагата во врска со соработката на полската Воено информативна служба со руските служби за безбедност.

Качињски и неговата партија откако дојдоа на власт во Полска во 2015 година се обидуваат да го изведат Туск пред суд поради „дипломатско велепредавство“, затоа што во април 2010 година, кога тој беше премиер, на Русија и беше поверена задачата да ја истражува несреќата во Смоленск.