Турски шпион уапсен во Германија

Од:

Германската полиција уапсила 31-годишен турски државјанин којшто е осомничен дека обезбедувал информации за Курди, кои што живеат во Германија за турски безбедносни агенции, објави денеска јавното обвинителство, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Германското јавно обвинителство тврди дека уапсениот М.С. кој бил уапсен вчера во Хамбург бил инволвиран во шпиунажа.

„Имаме силно сомневање дека обвинетиот работел за турски разузнавачки агенции и обезбедувал информации за лични податоци, политички активности и контакти на Курди кои што живеат во Германија“ се вели во соопштението на јавното обвинителство кое не открива на која основа и колку долго турскиот граѓанин живеел во Германија.

Обвинението против турскиот граѓанин е уште една од конфликтните епизоди во турско – германските односи. По неколкуте дипломатски инциденти по кои Анкара го повлече својот амабсадор во Берлин пред два месеци Турција ја обвини Германија дека заштитува припадници на курдски и левичарски терористички организации кои што работат против Турција. Германија веднаш ги отфрли наводите на официјална Анкара и побара аргументи за ваквото тврдење.

Кризата во односите меѓу двете земји започна со резолуцијата на Бундестагот кој масакрот на Отоманската империја во првата светска војна против Ерменците го прогласи за геноцид а за Германија спорни беа и чекорите кои што Турција ги презема против опозицијата по неуспешниот обид за воен удар во јули.

Откако ЕП одлучи да ги блокира преговорите за членство на Турција во ЕУ , претседателот Ердоган најави дека би можел да ги отвори границите за Сириските бегалци кои што сега се на турска територија а кои што треба да останат таму согласно договорот меѓу Брисел и Анкара. Во Германија живеат околу 700 илјади Курди и речиси 3 милиони Турци.