Сменета јавната обвинителка на Венецуела

Од:

Новоизбраното Уставотворно собрание на Венецуела едногласно донесе одлука за смена на јавната обвинителка Луиса Ортега. На нејзино место е назначен Тарек Вилијем Саб, кој моментно се наоѓа на функцијата омбудсман.

За време на гласањето провладините пратеници извикувале „издајник“ и „правдата стигна“. Според некои западни медиуми, Врховниот суд поднел обвиненија против Ортега.

Во меѓувреме, триесет припадници на Националната гарда ја опколиле канцеларијата на државната обвинителка, која на Твитер напишала дека станува збор за „опсада“ и со таа порака на социјалната мрежа „им пријавува на националната и меѓународната заедница“.

– Одбивам опсада на седиштето на Јавниот обвинител. Им го пријавувам овој самоволен чин на националната и меѓународната заедница – се наведува во твитот на Ортега.

Јужноамериканската трговска организација Меркосур денеска ја суспендираше Венецуела од членство во таа група на неодредено време.