Првиот авионосач во историјата именуван во чест на афроамерикански војник

Од:

По првпат во американската историја новиот авионосач, кој ќе стапи во служба во Воено-морските сили на САД, ќе биде именуван во чест на афроамериканскиот војник и морнар Дорис Милер.

Како што синоќа објави „Ен-Пи-Ар“, тоа ќе биде првиот авионосач во историјата именуван во чест на афроамерикански војник и првпат еден ваков моќен брод е именувам во чест на обичен морнар.

Симболиката во тоа е соодветна, бидејќи за ова се дозна на денот кога во САД се чествува Денот на Мартин Лутер Кинг, лидер на афроамериканците, кој се борел за нивните и за граѓанските права на другите националности во САД.

Одлуката на воената команда на САД за именување на авионосачот во чест на морнарот Дорис Милер беше соопштена синоќа од Томас Медли, министер на флотата на САД. Церемонијата се оддржа во воено-морската база „Перл Харбор Хикем“, токму местото каде служел Дорис Милер.

За време на јапонскиот напад на Перл Харбор на 7 декември 1941 година, повод за САД да влезат во Втората светска војна, 22 годишниот морнар Дорис, кој во моментот бил дежурен на оружарница на воениот брод „Западна Вирџинија“, и немал искуство на артилерец, херојски отворил оган по јапонските бомбардери од противавионскиот митрелез на бродот, иако покрај него летале бомби.

Според бигорафијата на Милер, тој успеал да собори најмалку еден јапонски авион. И тоа го правел се додека на ја потрошил муницијата и добил наредба да се повлече на брегот од погодениот брод.

Ликот на овој црномурест војник во армијата на САД е овековечен од познатиот актер Куба Гудинг-помладиот, кој го глуми во филмот „Перл Харбор“ снимен во 2001 година.

За покажаната храброст тој бил награден со највисока награда на Воено-морските сили на САД, медалот Крст на флотата, и првпат во историјата таа награда ја доби афроамериканец.

Милер загинал во моментот кога неговиот брод бил дигнат во воздух од јапонско торпедо.