Во пресрет на очекуваните нови објавувања на податоци од страна на таинствената организација Викиликс, британската полиција привремено го притвори и одзема компјутерска опрема од Дејвид Миранда, момче на новинарот на британскиот весник Гардијан Глен Гринвалд, кој соработува со Викиликс.
Миранда бил притворен додека летал преку Лондон, врз основа на закон кој и дозволува на британската полиција да притвори и до 9 часа да сослушува лице кое го сомничи за тероризам, без притоа да го обвини.
При притворувањето на аеродромот Хитроу во Лондон, полицијата запленила повеќе мемориски картички со кои се претпоставува дека Миранда пренесувал информации, од Лаура Поитрас, американска режисерка и истражувачки репортер, до Гринвалд.
Гринвалд е клучниот медиумски соработник на Едвард Сноуден, аналитичарот на американската Национална агенција за безбедност НСА кој почна да открива детали за работата на агенцијата и пребега во Русија.
Миранда бил во Берлин на средба со Поитрас, за која се претпоставува дека е втората личност, покрај новинарот Гринвалд, која има високо ниво на пристап до документите кои Сноуден најави дека ќе ги направи достапни на јавноста.
– Се разбира дека притворувањето е сериозно ескалирање на нападите врз новинарството и процесот на собирање на вести. Не им е доста што апсат и им се закануваат на изворите на информации, уште полошо е ако ги апсат новинарите кои пишуваат за вистината. Но, да се апсат членовите на семејствата и саканите на новинарите е деспотски, изјави Гринвалд за притворувањето на неговото момче.
Викиликс завчера најави објавување на нови информации, откако објави линк до три фајлови кои можат слободно да се симнат од било кое лице, но засега не може да се отворат без соодветна шифра.
Јавноста вчера шпекулираше што може да биде содржано во фајловите, при што најчесто се претпоставува дека се работи за архива податоци на американското разузнавање обезбедена од страна на Сноуден, од компјутерите на НСА.
Најавата на организацијата Викиликс доаѓа во време кога се очекува пресудата за Бредли Менинг, американскиот војник кој на Викиликс и предаде снимки од воено злосторство во Ирак, а потоа и огромната архива на записи на американските дипломати од целиот свет.
Јавноста во САД останува поделена околу активностите на Викиликс, и особено на Сноуден, кој засега откри информации за злоупотреби од страна на НСА, како што е масовното собирање податоци за телефонските разговори преку програмата Призма, но и за собирање податоци кон Русија и Кина.
За некои, Сноуден е херој, додека за други предавник. Новинарот на неделникот Тајм Мајкл Грунвалд предизвика контроверза со пораката на социјалната мрежа твитер, каде напиша дека чека САД да го ликвидираат Џулијан Асанж, основачот на Викиликс, со напад со беспилотно летало.
Грунвалд набргу ја избриша пораката, но притоа доби огромен број реакции, вклучително и од Кристина Асанж, мајката на водачот на Викиликс. Тајм е соочен со повици да го отпушти својот новинар.
Асанж над година дена живее како азилант во зградата на амбасадата на државата Еквадор во Лондон, под закана на апсење доколку излезе надвор. Во неговото најново интервју, дадено преку видео врска од амбасадата, изјави дека единствена надеж која ја гледа е во подемот на либертаријанското движење во САД, кое се залага за ограничување на државната власт и за повлечена надворешна политика.
Асанж изјави дека е голем почитувач на поранешниот конгресмен Рон Пол, и неговиот син, сенаторот Ренд Пол, кој е меѓу водечките кандидати на Републиканската партија за претседателските избори во 2016 година.