Прага се огради од заканата на Турција во Европа да пушти три милиони бегалци

Од:

Многу е важно, Европската унија (ЕУ) да се однесува суверено и да не дозволи да биде уценувана со такви соопштенија, изјави чешкиот премиер Бохуслав Соботка.

Тој заедно со претседателот на државата Милош Земан се оградија од заканите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Турција во Европа ќе пушти три милиони бегалци, јави дописникот на МИА од Прага.

– Мислам дека ЕУ не треба да дозволи да биде уценувана. Исто така, таа треба да реагира на оваа закана со цврсто обезбедување на своите надворешни граници, што навистина требаше да се направи уште оддамна, оцени Земан.

Изјавата на Ердоган беше реакција на предлогот на Европскиот парламент во четвртокот, да ги замрзне преговорите меѓу ЕУ и Анкара.

– ЕУ го исполнува својот договор. Имаме полно право да бараме договорите за регулација и задржување на нелегалната миграција да ги исплонува и Турција. Во интерес на Турција е да функционира тој договор, бидејќи ако запрел бранот на бегалци преку турско-грчката граница, тоа значи дека исто така нема нови бегалци до Турција, изјави денеска Соботка.