Помпео: Среќен сум што двајца лидери на две многу важни земји продолжуваат да се состануваат

Од:

Државниот секретар на САД Мајк Помпео денеска се обрати пред Советот за безбедност на ОН на брифинг за Северна Кореја, но во обраќањето говореше и за самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и претседателот на Русија Владимир Путин, и ги поздрави претстојните разговори на Трамп и Путин во Вашингтон најавени за есен.

-Среќен сум што двајца лидери на две многу важни земји продолжуваат да се состануваат, порача Помпео.

Тој наведе дека Трамп и Путин на самитот одржан во понеделникот во Хелскинки разговарале за решавање на кризата во Сирија и вражање на бегалците, кои побегнаа од војната во разрушената држава.

-Важно е за свет дека во соодветен момент по пат на доброволен механизам овие бегалци ќе имаат прилика да се вратат во својата држава, рече шефот на Стејт департментот.

Помпео, зборувајќи за Северна Кореја, оцени дека Советот за безбедност на ОН е обединет во потрагата по конечна, потврдена денуклеаризација на таа држава и дека целосната имплементација на економските санкции е клучна за елиминирање на нуклеарното оружје од таа земја.

Покрај Помпео во текот на брифингот за историскиот самит на Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и за дијалогот меѓу Сеул и Пјонгјанг, пред Советот за безбедност се обрати и министерката за надворешни работи на Јужно Кореја, Канг Кјунг-ва.