Како ќе гласаат 5,6 милиони државни службеници на идните претседателски избори во Франција е прашањето што го анализираше Центарот за научни испитувања на школата за Политички науки-ЦЕВИПОФ, во студијата спроведена во декември, во која беа опфатени 18.000 лица. Од неа прозилегува дека Марин Ле Пен и Франсоа Фијон би добиле повеќе гласови од другите кандидати, јави дописникот на МИА од Париз.
Франсоа Фијон, канидатотот на конзервативната партија Републиканци се очекува да добие меѓу 18 и 22 отсто од гласовите во три државни служби (државните службеници, територијални единици и болници), според студијата,.
Студијата, тестира неколку хипотези – со или без кандидатурата на Франсоа Бајру (лидер на центарот). Бројките треба да се читаат со внимателност, особено затоа што името на кандидатот на социјалистите се уште не се знае.
Како и да е, Франсоа Фијон, се чини, нема да биде казнет за неговиот предлог да елиминира 500.000 државни службеници доколку биде избран за претседател.
Марин Ле Пен, лидер и кандидатка на крајно десниот Национален Фронт, има значителна поддршка како и поранешниот премиер, со рејтинг меѓу 18,5 и 22 отсто, со што се потврдува дека вработените во јавниот сервис се ориентираат кон десницата. Кандидатката на Националниот фронт особено ги освојува државните службеници чии лични примања се најниски, дури 27,6 отсто.
Мануел Валс, кој засега е најдобро пласиран кај социјалистите доколку стане кандидат ќе има од 11.3 до 18.3 отсто поддршка кај гласачите.
За Жан-Лук Меланшон, кандидат на Фронтот на левицата, кој е поддржан од комунистите, ќе гласаат меѓу 15 и 18 отсто од слубениците со намера да гласаат.
Постојат значителни разлики во различни функции и служби на јавниот сервис. ЦЕФИПОФ предупредува дека овие податоци, сепак, треба да се земат со резерва, бидејќи истражувањето се фокусира на околу стотина претставници на секоја служба.
Ако се гледат намерите за гласање, наставниците и професорите, главно, се ориентирани кон левицата (22 отсто за Мануел Валс, 21 отсто за Жан-Лук Меланшон) или центарот (17 отсто за Емануел Макрон).
Спротивно на нив, Марин Ле Пен собира речиси половина од гласовите на полицијата и војската (47 отсто), во споредба со Франсоа Фијон (29 отсто).
Кандидатот на екстремната десничарска партија има дури 52 отсто поддршка каја полицајците со намера да излезат на гласање.
И, ако се исклучат пензионираните полицајци, кај активните полицајци, Марин Ле Пен има дури 60 отсто поддршка.