Полицијата во Дубаи купи „Астон Мартин Оне-77“ вреден 1,45 милиони евра

Од:

Возниот парк на полицијата во Дубаи е побогат за уште три скапоцени автомобили, меѓу кои е и „Астон Мартин Оне-77“ чија цена изнесува 1,45 милиони евра.

Флотатата на патролни автомобили на полицијата во Дубаи потсетува на колекција од суперавтомобили на некој блискоисточен шеик.

Во карактеристичните зелено-бели ленти претходно веќе беа офарбани „Ламборџини Авентадор“, „Ферари ФФ“, „Шевролет Камаро“ и „БМВ“ Серија 5, а сега им се придружија и „Мерцедес СЛС АМГ“, „Бентли Континентал ГТ Купе“ и убедливо најскапиот од сите – „Астон Мартин Оне-77“.

Трите најнови модели на јавноста и беа претставени пред два дена во изложбениот простор на „Арабиан Травел Маркет“ во Дубаи.

Полицијата на Дубаи соопшти дека купувањето скапоцени автомобили е дел од стратегијата за развој на туризмот и дека присуството на овие автомобили на улиците ќе претставува уште една од многуте туристички атракции на овој град.

-Со оглед на фактот дека Дубаи е престолнина на луксузот и префинетоста во секој поглед, неопходно е и полициските сили да одржуваат чекор по ова прашање, објаснува заменик шефот на полицијата на Дубаи, Камис Матар Мазинах.

Што се однесува на новиот најскап модел во полицискиот возен парк, во прашање е автомобил што е направен во ограничена серија од 77 примероци.

„Астон Мартин Оне-77“ го придвижува 7.3-литарски В12 мотор со 760 КС, сместен напред, додека силата се пренесува на задните тркала на автомобилот. За забрзување од 0-100 км/х се потребни 3,5 секунди, а според фабричките податоци максималната брзина изнесува 322 км на час.