Папата Франциско и Обама се заложија за поголема борба против климатските промени

Од:

Американскиот претседател Барак Обама и папата Франциско изразија слични ставови во однос на климатските промени, дипломатијата и потребата од борба за заштита на милиони маргинализирани луѓе во светот.

На церемонијата пред Белата куќа, пред повеќе од 15.000 присутни, Обама го поздрави 78-годишниот Франциско, а тој ја прескокна вообичаената пракса и се обрати на англиски јазик.

– Потекнувајќи од имиграциско семејство, јас сум среќен да бидам гостин на држава, што во голем дел е изградена од такви семејства, истакна папата.

Папата Франциско стави акцент на заедничката борба против климатските промени, повикувајќи за енергетска револуција и вртење кон обновливи извори на енергија.

Папата, исто така, побара промена на системот во името на „одржливиот и целокупен развој“, нагласувајќи дека таквата промена бара од нас посериозен и поодговорен начин на земање во предвид на милионите луѓе, што живеат во систем, што ги маргинализира.

– Благодарни сме Ви за повикот кон народите да се спротивстават на сирените на војната и да ги надминат несогласувањата по дипломатски пат, истакна Обама.

Обама во своето обраќање оддаде почит на пораката на надеж, донесена од првиот аргентински папа во историјата, што е извор на инспирација за многу луѓе во светот.

– Сметам дека возбудата околу вашата прва посета се должи не само на фактот дека сте папа, но и на единствените лични квалитети, истакна американскиот претседател.

По церемонијата Обама и папата ќе разговараат во Овалниот кабинет на претседателот, што е втора нивна средба во четири очи по таа во пролета 2014 година во Ватикан.

Папата Франциско е третиот папа што бил во посета на Белата куќа. Џими Картер се сретна со папата Јован Павле Втори во 1979 година, а Џорџ Буш со папата Бенедикт Шестнаесетии во 2008 година.