Отворена најголемата џамија во Москва

Од:

Централната московска џамија е најголемиот храм на муслиманската заедница во руската престолнина која има околу двесте илјади верници.

Новата џамија е подигната на место до старата, изградена во 1904 година, и била единствената активна во Москва во советскиот период. Нејзината целосна реставрација којашто опфаќа и доградби чинела околу 170 милиони долари, собрани од приватни донации, како и со помош на владите на Турција и на Казахстан. Џамијата свечено е отворена пред големиот муслимански празник Курбан бајрам.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во својот говор се фокусираше на влошената ситуација со бегалската криза и реакциите на неа од страна на Европската унија, велејќи дека му е „многу тешко да види како луѓето се лишуваат од правото на исповед на религијата, зачувување на своите корени и својата земја, но и основното право – правото на живот“. „Русија претставува многу јасен пример за добрососедство и мирно егзистирање под еден покрив на луѓе од разни конфесии и етничко потекло“, додаде Ердоган.

Палестинскиот челник Махмуд Абас, пак, во своето обраќање потсети на недоволната соодветна заштита на муслиманските и на христијанските светии во Ерусалим и во Палестина и ја повика меѓународната заедница да се ангажира тие да бидеа „безбедни како што беа пред палестинските територии да бидат окупирани од Израел“. Порача дека „Најостро ги осудуваме сите дејствија од страна на израелските окупациски власти да им се забрани на муслиманите пристапот до светата џамија ал-Акса“, во Ерусалим, едно од трите најсвети места на исламот, на Платото на џамијата, кое Евреите го нарекуваат Брдото на храмот каде што се наоѓаат остатоци од древно јудејско светилиште.