Откриен гроб на фараонска кралица во Египет

Од:

Чешки археолози во Египет откриле гроб на досега непозната кралица „Кенткаус Трета”, сопруга на Фараонот Ранефереф (Неферефра), потврди директорот на Чешкиот институт за египтологија, Мирослав Барта.

Според Барта, гробницата се наоѓа во погребниот комплекс на Ранефереф и на тоа се базира претпоставката дека кралицата била негова сопруга.

Ранефереф владеел во времето на Петтата династија и според чешките египтолози се работи за откритие од историско значење, кое ќе помогне да се објаснат непознати детали на периодот на изградбата на првите пирамиди, пренесе дописникот на МИА од Прага.

Кралската гробница била пронајдена во местото Абусир, каде што се наоѓаат неколку пирамиди на фараоните од Петтата династија која владеела со Горен Египет (Старото Кралство) околу 2.500 години пред Христос.

Факултетот за уметности на Карловиот универзитет во Прага, соопшти дека гробницата димензионално и по форма не се разликува од останатите гробници во околината, но со поставеноста говори за исклучителната улога која во тој период ја имала жената.

Се работи за аристократска гробница од типот мастаба, со капела во надземниот дел, првично со еден пар на лажни врати. Иако, гробницата била делумно уништена од крадци, сепак се најдени делови од погребната опрема.

– Доколку можеме да претпоставиме дека кралицата била погребана во времето на владеењето на Ниусере (2445 до 2421 година пред нашата ера), а судејќи според најдените натписи ,,жена на кралот” и ,,мајка на кралот” се работи за Кенткаус Трета, мајка на фараонот Менкаухор Каиу, изјави членот на чешката експедиција Јаромир Крејчи.

Фараонот Ниусере бил помлад брат на Ранефереф.