Одбележување 103 години од раѓањето на Мајка Тереза

Од:

Во рамки на одбележување на 103- годишнината од раѓањето на Мајка Тереза, пред Спомен куќата во Скопје ќе се одржи проекција на интервјуто со Мајка Тереза дадено за ирската телевизиска куќа РТЕ и презентација на дел од уметничките слики на македонско-канадскиот уметник Мајкл Клос.

– Интервјуто со Мајка Тереза е направено во Ирска во 1974 година со познатата новинарка Нодлег МекКарти. Во интервјуто таа говори за својата мисионерска работа за нејзиниот народ го спомнува нејзиниот роден град, за работните обврски на сестрите, за желбата на младите девојки да се приклучат во нејзиниот ред и да станат нејзини следбенички, рече Рената Здравковска на денешната прес-конференција по повод годишнината од раѓањето на хуманистката.

Проекцијата на филмот кој е дел од годинешната програма за остварување на национален интерес во културата за 2013 година, ќе се одржи на 25 август во Летниот театар на Спомен куќата на Мајка Тереза со почеток во 20:00 часот.

– Уметникот Мајкл Клос кој досега имал околу 100 самостојни и многубројни групни изложби насекаде низ светот, по повод годишнината на Спомен куќата на Мајка Тереза донираше уметнички слики кои ќе бидат изложени во отворениот простор околу бунарот на спомен куќата во недела на 25 август, рече Адријана Јелиќ, кустос во Спомен куќата.

Дел од сликите ќе бидат продадени со аукција, а средствата од нив ќе бидат искористени за добротворни цели.