Објавена снимка за поткуп на Салвини со руски нафтени пари

Од:

„Базфид њуз“доби ексклузивна аудио-снимка од состанокот во Метропол каде што близок соработник на најмоќниот екстремно десничарски лидер во Европа – италијанскиот вицепремиер Матео Салвини – и други пет лица може да се чујат како преговараат за условите на договорот за тајно канализирање на десетици милиони долари руски нафтени пари во партијата Лига на Салвини. Во овој текст кој А1 он интегрално го пренесува се откриваат скандалозни детали околу одливот на пари во екстремните десничарски партии по налог на Кремљ.

Снимката детално открива до кој степен двете страни биле подготвени да одат за да го прикријат фактот дека најголем бенефит од договорот ќе има партијата на Салвини (што претставува прекршување на италијанскиот изборен закон, кој забранува политичките партии да прифаќаат големи странски донации) и покрај удобноста со која тој и другите екстремно десничарски лидери во Европа јавно ги прикажуваат своите политички симпатии кон Кремљ.

Како што пренесува порталот, утрото на 18 октомври минатата година, шестмина политичари седнале на бизнис-состанок, во московскиот хотел Метропол, и разговарале околу плановите за “голем сојуз”.

Стотина години претходно, ова големо здание беше во центарот на настаните што помогнаа да се смени лицето на Европа и светот: царските сили се бореа од внатре во хотелот и иако се обидуваа, не успеаја да ги задржат болшевиците од Кремљ во 1917 година, а исто така, во апартманот 217 од овој хотел, беше изготвен и првиот советски устав по успешната револуција.

Шесте политички фигури – тројца Руси, тројца Италијанци – кои се собраа под спектакуларниот стаклен покрив од хотелското лоби минатиот октомври, исто така, дискутираа за теми од историско значење. Нивната примарна цел беше нафтена спогодба; но нивната вистинска цел беше да ги поткопаат либералните демократии и да формираат нова, националистичка Европа по терк на Москва.

“Сакаме да ја смениме Европа”, изјави долгогодишниот соработник на Салвини, Џанлука Савоини, кој заедно со Владимир Путин беше присутен на владиниот банкет за прослава на посетата на рускиот претседател на Рим минатата недела.

“Новата Европа мора да биде блиска до Русија како и претходно, бидејќи сакаме да го задржиме нашиот суверенитет”, продолжи тој додека присутните го пиеја своето кафе во лобито.

Покрај извадоците од снимката од Метропол која се открива за прв пат, „Базфид њуз“ објавува и транскрипт од целосната снимка.

Салвини, кој од страна на Русите е ентузијастично прикажан како „Европскиот Трамп“, не присуствуваше на состанокот, но беше во Москва во истиот период. Претходниот ден тој одржа говор во кој ги осуди санкциите против Русија нарекувајќи ги „економска, социјална и културна глупост“ пред да се сретне со заменик-премиерот на Русија Дмитри Козак, и Владимир Плигин, моќниот член на партијата на Путин, Обединета Русија.

Иако „Базфид њуз“ не е во можност да ги идентификува руските претставници присутни на состанокот во хотелот Метропол, снимката содржи јасни показатели дека властите од високите редови биле запознаени со преговорите, вклучувајќи ги и оние со кои што Салвини се сретнал претходната вечер.

Руските преговарачи може да се чујат како зборуваат за „вчерашната средба“ без да ги откријат присутните, два пати велејќи дека ќе треба да ги приложат деталите од средбата до заменик-премиерот, и дека очекуваат дека ќе добијат зелено светло од страна на „г-дин Плигин“.

Лидерот на Лига жестоко демантираше дека некогаш добивал странски пари за да ја финансира неговата партија.

Но, снимката од хотелот Метропол ги открива првите цврсти докази за тајните обиди на Русија да ги финансира европските националистички движења и очигледното соучество на некои високи функционери од екстремната десница во тие обиди.

И покрај тоа што е нејасно дали договорот што беше тема на преговорите во хотелот Метропол некогаш бил извршен, и дали партијата Лига добила финансиски средства, постоењето на снимките од деталните преговори предизвикува сериозни сомнежи за тоа дали се прекршени италијанските закони, врските меѓу Москва и партијата Лига на Салвини, како и интегритетот на европските избори кои се одржаа во мај.

Европската политика во текот на годините беше засенета од сугестиите дека руските комерцијални трансакции со екстремно десничарските лидери имаа скриена политичка цел.

Лидерката на Француската национална партија Марин ле Пен зела заеми од руски банки во износ од 11 милиони долари, вклучувајќи и една банка која е блиска до Кремљ. Се работи за периодот од 2014 година, една година откако таа јавно го поддржа припојувањето на Кримскиот полуостров кон Русија. По повод овие настани ле Пен се изјаснува дека договорот за финансиска помош е од комерцијална, а не од политичка природа.

Непосредно пред одржувањето на Британскиот референдум за излез од ЕУ во 2016, најголемиот финансиски поддржувач на Брегзит, Арон Бенкс, разговарал за инвестиции во злато и дијаманти понудени преку руската амбасада во Лондон која ветувала огромен профит. Бенкс, кој во моментов е под истрага од страна на британската национална агенција за криминал, во врска со потеклото на 8 милиони фунти кој тој ги донирал на опцијата за излез од ЕУ, изјави дека тој сепак не ги прифатил понудите и не направил кривично дело.

Лидерот на австриската екстремно-десна партија ФПО, Хајнц-Кристијан Штрахе, беше присилен да поднесе оставка во мај откако беше откриен како разговара за размена на јавни договори за добивање руска помош во кампањата. Протечената видео снимка беше објавена од страна на германските медиуми Зидојче Цајтунг и Шпигел, иако останува нејасно кој стои зад оваа завера.

Сепак, според сите индиции, средбата во Метропол не претставува никаква завера, туку се работи за вистински преговори. И додека се уште постојат неодговорени прашања во врска со претходни руски финансиски маневри со други националистички политичари, врската помеѓу Кремљ и италијанската партија Лига е кристално чиста, и прикажува како Русија ги користи трговските односи за да ја прикрие сомнителната размена на пари и моќ.

Савоини во италијанските медиуми е опишан како „шерпа на Салвини за Русија“ и интересен е фактот дека користи слика на која тој и Путин се поздравуваат како аватар на ВатсАпп. На средбата тој директно зборува за големите политички амбиции кои се кријат во предложениот договор.

„Салвини е првиот човек кој сака да ја промени цела Европа“, вели тој. Победата на европските избори во мај би била само почеток.

Педесет и пет годишниот Италијанец, кој на снимката може да се чуе како вели дека претставува врска помеѓу италијанските и руските политички сили, е голем поддржувач на екстремно десните сили во Европа како таа на Марин ле Пен во Франција и германската АфД, за кои вели: „Навистина би сакале да имаме силен сојуз со овие про-руски партии.“

Руската реакција беше секако позитивна. Тие може да се слушнат како го опишуваат Салвини, како предводник на европските ултра десни националистички движења, кои се протегаат од Италија на југ, до Шведска и Финска на север.

Преговорите, кои траеле еден час и 15 минути, пропратени со паузи за цигари и кафе, инволвираат и голема руска нафтена компанија која треба да продаде најмалку 3 милиони тони гориво на италијанската нафтена компанија Ени во текот на една година во вредност од околу 1.5 милијарди долари.

Купопродажбата би се извршила преку посредници, а продавачот ќе понуди и пониска цена за овие трансакции. Попустот изнесува околу 65 милиони долари, базиран на тогашните цени на горивата, пресметан од страна на аналитичари во индустријата најмени од БазФид Њуз, а овие пари подоцна биле скришно префрлени на сметката на италијанската партија Лига преку посредници. За присутните целта на овој договор е кристално јасна, а тоа е средствата од попустот да се искористат за поддршка на партијата Лига, поточно на кампањата за европските избори.

„Многу е едноставно“, вели еден од Италијанците некои 25 минути откако започна средбата. „Според планот на нашите политичари, со 4% попуст, 250.000 тони плус 250.000 месечно за една година, кампањата може да успее“.

Во периодот кога се одржуваше средбата, постоеше дупка во законите на Италија со која партиите легално можеа да примаат средства од странски инвеститори/донатори. Но, максималната сума на пари која можеше да ја прими една партија беше 100.000 евра – една трошка во однос на оние десетици милиони кои Лига ги доби за оваа работа.

Во јануари годинава, новата легислатива ја затвори дупката во законот, што значи дека е нелегално за италијанските партии да добиваат било какви фондови или финансиска поддршка од странски влади или компании.

На снимката може да се чуе дека Савоини им вели на другите двајца Италијанци дека тој има добро претчувство во однос на комплетирањето на работата.

Тој и двајцата Италијанци неколкупати им нагласуваат на Русите дека брзината е суштинско значење бидејќи изборите само што не започнале.

Савоини им вели на колегите Италијанци дека е многу важно да ја чуваат во тајност нивната поврзаност. Тој нив тројцата ги опишува како триумвирати, и додава дека тие мора да се и повеќе од претпазливи.

Италијанците експлицитно велат дека нивната цел не е да заработат пари од овој ангажман. Целта е политичка, а не професионална, вели едниот. „Сакаме да истераме политичка кампања која ќе има придонес, би рекол – заеднички придонес“.

Кога Русите бараат дополнителна „провизија“ за нив, Савоини јасно им потврдува дека нема да има проблем. „Нека земат и 400, колку и да треба нека земат“, тој му вели подоцна на едниот Италијанец. „Не е важно. Тоа ќе биде гаранција. Тоа ќе значи дека тие ќе ни завршат работа и нас тоа ни одговара“.

Овие снимки се доказ за лажните изјави на Салвини и Савоини по средбата и за некои детали од преговорите во Метропол, кога првично беа пријавени во февруари од страна на двајца италијански новинари, Стефано Вергине и Џовани Тицијан од „Л’Еспресо Магазин“.

Своевремено, портпаролот на Салвини одби да одговори на прашања во врска со средбата во Метропол, и ги отфрли овие шпекулации како „фантазии“, додека пак Савоини за „Спутник“ изјави дека тој не бил учесник во никакви преговори. Во исто време, тој за „Базфид њуз“ изјави дека овој прилог е „производ на фикција“.

Сепак, на снимката може да се чуе дека тој на своите колеги им вели дека тој е врската помеѓу италијанската и руската страна, а дека останатите Италијанци се негови партнери. Тој вели дека ова му ко кажал извесен Александр, веројатно е однесува на Александр Дугин – идеолог на руската екстремна десница и политички аналитичар, со кој Савоини бил фотографиран претходниот ден.

Кога од „Базфид“ побарале од Савоини да одговори на неколку конкретни прашања во врска со средбата во Метропол, тој одговорил „Се извинувам, но немам време да арчам на овие работи“, на што додал дека неговиот адвокат ќе ги контактира доколку е потребно.

Италијанските новинари кои се автори на книгата „Црниот тефтер на Лига“ исто така пренесоа дека Салвини имал средба со рускиот заменик премиер Козак во кабинетот на Плигин на 17 октомври. Оваа средба не била закажана во официјалниот распоред на Салвини, а според распоредот тој немал никакви обврски за таа вечер.

Кога во февруари го прашале за средбата со Козак, Салвини не негирал дека средбата се случила. „Не се сеќавам што сум правел завчера“, изјави тој во интервју за италијанска телевизија. „Тешко дека ќе се сетам што сум правел на 17 октомври“.
„Ако навистина сме се сретнале, тогаш тоа било легитимно“, додава Салвини.

„Базфид“ на неколку наврати се обиде да добие одговор од Салвини во врска со снимката од Метропол и информациите дека тој е инволвиран во договорот. Салвини не одговори на повиците на „Базфид њуз“.

Во понеделникот, Козак ги негираше информациите дека тој се сретнал со Салвини во кабинетот на Плигин на 17 октомви. Неговиот портпарол Илја Џус ги игнорираше прашањата кои „Базфид њуз“ ги испрати за Козак и одговори: „Ние веќе дадовме коментар во врска со т.н. ‘истрага’ на италијанскиот магазин, таа се заснова на неиздржани шпекулации…“
„Козак никогаш немал лични контакти со господинот Салвини, тие не одржале никаква официјална ниту пак тајна средба… Русија и Италија се врзани само преку билатералните односи, вклучувајќи економска соработка во сферата на индустријата и енергетиката. Козак како релевантен заменик премиер, е фокусиран исклучиво на оваа агенда“, додава Џус.

По бројните повици и писмо испратено во понеделникот, од кабинетот на Плигин одговорија дека тој патува и дека не е во можност да одговори на повиците на „Базфид њуз“.

Владимир Путин со години се потпира на неизмерната и непоколеблива поддршка од Матео Салвини.

Лидерот на Лига неколкупати ја повикуваше Европската Унија да ги укине санкциите против Русија, а анексирањето на Крим го оцени како легитимно. Во 2016 година тој дури и замина во посета на нелегално окупираниот регион.

Салвини ја критикуваше НАТО алијансата и координираниот одговор на ЕУ во врска со нападот со нервен агент во Салисбери од страна на руските воени разузнавачи во март 2018.

Но само во последните 18 месеци, Салвини за Путин стана многу вреден. Неговата трансформација на Лига од мала регионална сила во северна Италија во национална, десничарска, анти-имигрантска партија освои повеќе од 17% од гласовите во генералните избори во Италија во март 2018. Само три месеци подоцна, тој беше назначен за заменик премиер и министер за внатрешни работи кога Лига влезе во коалициската влада со популистичкото движење „Фајв стар“.

Оттогаш, партијата прерасна во најдоминантната политичка сила во Италија, и ги удвои гласовите на 34,5% во европските парламентарни избори, а со тоа стана и најпопуларната партија во осмата најголема економија во светот. Овој резултат на Салвини му обезбеди место во елитата на националистичките десници во Европа.

Симпатиите меѓу Путин и Салвини беа јавно посведочени минатата недела за време на посетата на рускиот претседател во Рим, каде тој го пофали лидерот на Лига за неговиот „топол прием“ на Русија. По свечената вечера за Путин, Салвини го опиша Путин како еден од оние ликови кои ќе остават печат во историјата. Меѓу присутните беше и Савоини, кој на Твитер објави видео од Путин со Салвини.

Салвини стана редовен посетител на Москва во последниве неколку години. Тој трипати ја посети руската престолнина во периодот меѓу октомври 2014 и февруари 2015, а потоа повторно во јануари 2017, а два месеца подоцна тој повторно замина во Москва во официјална посета. Во секоја своја посета, Салвини патуваше во придружба на неговиот неофицијален партнер за Кремљ – Савоини.

Работните односи помеѓу Савоини и Салвини траат две децении. Тој е член на партијата Лига од 1991 година, и беше портпарол на Салвини. Тој помогна во организирањето на сите патувања на лидерот на Лига во Москва и имаше клучна улога во постигнувањето на договорот за партнерство помеѓу италијанската партија и Путиновата „Единствена Русија“ во март 2017 година.

Тој исто така е и претседател на културната асоцијација на Ломбардија и Русија, која постојано ја спроведува пропагандата на Кремљ, уште од нејзиното основање во 2014 година. На својата веб страница, асоцијацијата вели таа има за цел да го одрази светогледот на Путин, кој се темели на идентитет, суверенитет, и традиција. Нејзините активности вклучуваат и контакти со властите и трговска мисија во Русија, анексираниот Крим и Доњецк, област во источниот дел на Украина кој се наоѓа под контрола на сепаратисти поддржани од Русија, како и јавни настани и лобирање за промоција на пријателска политика кон Кремљ и противење на санкциите.

Точниот статус и улогата на Савоини при официјалните посети на Москва останува нејасна. „Базфид њуз“ објави во јули 2012 година дека заедно со Салвини тој учествувал на официјалните средби со руски министри и претставници, и покрај тоа што не бил на листата на министерски делегати. Савоини, кој нема официјална улога во владата, рекол дека таму бил како член на кабинетот на министерот и дека одамна се познавале со Салвини.

Официјалната причина за последното патување на Салвини во Москва во октомври беше тој да одржи говор на 17-ти, на конференцијата организирана од италијанската индустриска група. Савоини присуствуваше на настанот во хотелот „Лоте“, каде што лидерот на Лига ја пренесе својата порака против санкциите. Надвор од ова, во распоредот на Салвини не се забележани други официјални средби. Но таа вечер, според „Л’Еспресо“, во кабинетот на Плигин се остварила и средбата со заменик премиерот Козак.

Не е познато каде Салвини се движел следното утро, но некаде после пладне по московско време, тој на Твитер и Инстаграм објавил фотографија како пие пиво и јаде хамбургер на московскиот аеродром Шереметјево – и тоа е единствениот доказ за тоа што тој правел дента пред да се врати во Италија.

Сепак, снимката од Метропол, која ја доби „Базфид њуз“, детално открива како најблискиот соработник на Салвини го поминал тоа утро, додека лидерот на Лига се подготвувал да ја напушти Москва.

За време на средбата, Савоини, други двајца Италијанци и тројца Руси детално дискутираат за техничките аспекти од договорот за префрлање на милиони до Лега, потоа за видовите на горивото што е потребно, како и за потенцијалните пристаништа за доставување, па се до „исплатата на провизија“, валутата, и како да се обезбедат комуникациите и трансакциите, и тие да не бидат забележани од страна на властите. Преговорите меѓу двете страни беа водени на англиски, при што секоја од страните постојано преведуваше на италијански или руски, за сите да бидат запознаени со деталите, бидејќи не сите на масата говореа англиски.

„Базфид њуз“ не можеше да ги идентификува другите петмина мажи. Еден од Италијанците беше „Лука“. Тој беше одговорен за голем дел од техничката дискусија, велејќи дека е адвокат, најверојатно со седиште во Лондон, каде работи за неименувана англиска инвестициска банка. Другиот е „Франческо“, кој зборуваше само италијански, и во еден момент од страна на другите во шега беше наречен „ноно“ – дедо. Се чини дека тој е одговорен за постапката со која Лига ќе ги добие средствата преку посредници, како и потенцијалните провизии.

Од руската страна, еден од тројцата не зборуваше англиски, и претежно користеше преведувач. Еден од нив, од страна на Савоини беше наречен „Илја“. Исто така, може да се слушнат и имињата „Јуриј“ и „Андреј“.

Беше јасно дека Русите одговараа пред други високи претставници кои не беа присутни во собата, и повеќепати нагласија дека треба да дискустираат за различните аспекти од договорот со „заменик премиерот“, додека исто така може да се слушнат и термините „господинот Плигин“, „другарот“ и „високиот“ – што укажува на некоја повисока фигура.

Од снимката, јасно е дека ова не било првпат шесте лица заедно да го дискутираат предложениот договор. Во неколку наврати тие напоменаа и претходни разговори и средби, вклучувајќи и такви кои се оствариле во Рим.

Тие исто така разговараа и за некои други работи и други теми, како што се летни одмори во Сицилија и Сардинија. Во еден момент, Италијанците се пошегуваа дека сакаат да испратат одредени луѓе во руски гулази, за „ментална рехабилитација“. Во друг разговор, тие разговараат за откажување од пушењето, при што еден од Русите се жали на шокантните слики за предупредување на кутиите цигари во Италија, додека, пак, еден од Италијаните се шегува дека мажите во неговата земја секогаш ги бараат оние кутии кои го содржат предупредувањето за забременување.

„Да го склучиме договорот и да престанеме да пушиме“, рече Италијанецот.
„Договорено“, одговори Русинот.

Но, во суштина, и Русите и Италијанците, вклучувајќи го и Савоини, делуваа сериозно и длабоко навлезени во деталите од договорот.

По неговите воведни забелешки за промените во Европа, Савоини му го препушти говорот на еден од своите, како што ги нарече, „технички партнери“.

„Сега, нашите технички документи веќе се готови за да му се предадат на господинот заменик премиер“, одговори еден од Русите. „Но, можеби треба да дискутираме за најновите одлуки“, додаде тој.

Поголемиот дел од дискусијата се фокусира на структурирањето на договорот за да се најде вистинската комбинација на нафтените компании, посредниците, пристаништето за испорака, типот на производите, условите за плаќање и временската рамка.

Предложените трансакции ќе бидат структурирани околу четири фирми: Италијанската Ени и една голема руска нафтена компанија – се наведуваат Роснефт и Лукоил – како и два посредника.

„Ја имаме Ени, која ќе биде од италијанската страна, така?“ вели еден од Русите. „Имаме руска нафтена компанија на наша страна и имаме две компании во средината“.

Портпарол на Ени во изјава за „Базфид њуз“ вели: „Ени силно стои на тоа дека во никој случај не учествувала во трансакции кои имале за цел финансирање на политички партии. Покрај тоа, опишаната операција за снабдување никогаш не се случила.“

Тие потоа разговараа околу тоа како да изберат втор посредник, за договорот да не го привлече вниманието на европските власти, преку процедурата за “познавање на вашиот клиент“ и законите за спречување на перење пари.

Италијанецот Лука посочи дека тоа треба да биде „добро позната компанија”. Кога еден од Русите праша дали е подобро за компанијата да биде во Русија или Европа, тој му одговори „дефинитивно Европа“.

Тие, исто така, разговараа за користењето на руската филијала на италијанската банка Интеса. Предноста на оваа опција, како што еден од Италијанците им објасни на Русите, беше дека Лига „таму има човек која се вика Машети”.

Потоа, на снимката се слуша како лицето им кажува на другите двајца Италијанци, “по овој состанок треба да разговараме со човекот чие има почнува на “Ма“ и завршува со “ети“, за да се сретнат откако ќе биде договорено основното. Зошто сум заинтересиран? Бидејќи Ени веќе има сметки со Интеса, и тие (руските нафтени компании) најверојатно исто така имаат.“

Еден член од одборот на директори во Интеса Русија се вика Андреа Маскети, поранешен висок член на партијата Лега.

Снимката не открива дали Машети или било кој друг од Интеса бил свесен за дискусиите што се случувале, ниту пак е познато дали било кој претставник на Интеса бил контактиран од страна на тројцата Италијанци, по средбата во Метропол.

 

Како одговор на барањето за коментар од Машети, неговиот адвокат во електронска порака му одговори на „Базфид њуз“ дека цврсто негира оти тој знаел нешто за опишаните настани и дека тие му се сосем неважни.

Техничките разговори ги опфатија најдобрите пристаништа за испорака, па Ротердам, Новоросијск во Црното Море и балтичката рута беа претставени како опции иако Русите посочија оти капацитетот преку Балтикот е ограничен .

Тие разговараа и за видот на гориво што требаше да се продава според договорот, при што Русинот се постави како преведувач, повикувајќи ги Италијанците да обезбедат листа со опции, кои ги вклучуваат авионското гориво и дизелот.

„Ние ќе му ја дадеме листата на вицепремиерот”, рече тој.

„Базфид њуз“ консултираше аналитичари за нафта за да добие проценка за приближната вредност на договорот користејќи едно од горивата од опциите за дискусија – дизел со ултранизок процент на сулфур (УЛСД). Во периодот меѓу 1 ноември и 30 ноември минатата година, големопродажната вредност на УЛСД испорачана во Ротердам се движела од 693,25 до 556,25 долари за метрички тон, врз основа на индустрискиот стандард на „Платс“ што го користат нафтените компании.

Тоа значи дека 250.000 метрички тони – предложената прва пратка – УЛСД би требало да вреди 173 милиони долари на 1 ноември и 139 милиони долари на 30 ноември, па така делот од 4 отсто на „Лига“ тој месец би вредел најмалку 5,5 милиони долари. Во период од 12 месеци, правејќи проценка со слични цени, партијата требало да добие околу 65 милиони долари.

Во еден момент, Русите дискутираат меѓу себе за тоа дека треба да го чекаат Плигин, адвокатот кој, наводно, бил домаќин на состанокот помеѓу Салвини и рускиот вицепремиер претходната вечер, за да им даде зелено светло за продолжување.

„Треба да им кажеме дека очекуваме враќање на Владимир Николаевич. Го чекаме. Се надева дека следната недела ќе добиеме зелено светло “, еден од Русите му вели на својот колега кој преведува на англиски јазик.
„Го чекаме г-динот Плигин да се врати, па ќе разговараме”, преведувачот потоа им вели на Италијанците.

Италијанскиот адвокат вели дека проверил дали Плигин може да лета во Италија и дека верува оти ќе биде во ред бидејќи тој не бил на „црвен аларм“ во Интерпол иако Русинот беше ставен на листата санкции на ЕУ.

Еден од Русите тогаш вели – на руски – дека разговарал со Плигин и дека тој не сакал да оди во Италија.

„Мораме да им го објасниме тоа на нашите италијански колеги”, вели еден од останатите, но информацијата не беше пренесена.

Русите едвај чекаат да земат дополнителна провизија за себе, споменувајќи ја можноста за идни договори надвор од едногодишниот политички договор.

Повторувајќи дека мотивот за овој договор е чисто политички, а италијанскиот адвокат вели дека за финансирање на изборната кампања е потребен попуст од само 4 отсто – така Русите би можеле да земат се што е над тоа.

„Би рекол дека планирале 4 отсто нето. Значи, ако сега велите дека има попуст од 10 отсто, би рекол дека 6 отсто се твои”, вели тој.

Италијанците биле позагрижени во текот на дискусијата да се осигураат оти парите ќе дојдат до „Лига“ навреме за изборите во мај. Човекот кому му се обраќаат со Франческо, во еден момент им вели на своите италијански колеги:
„Сакам да нагласам колку е важно за нас да го завршиме тоа до декември дури и ако потоа се одложува два, три месеци. Јуни, јули – нам не ни е грижа. ”

Италијанскиот адвокат повеќепати им ја нагласи таа порака на англиски јазик на Русите.

„Ако сме многу брзи – но мора да бидеме многу, многу брзи – тогаш мислам дека првата достава може да биде во ноември”, вели тој.

„Се согласувам со вас затоа што мора да дејствуваме многу брзо”, одговара Русинот.

Италијанскиот адвокат подоцна го уверува Савоини дека Русите ја добиле пораката.

„Се е во ред. Реков и Андреј се согласи дека брзината е од најголема важност. ”
Но, сè уште постои загриженост дека првата пратка може да биде одложена до крајот на јануари.

„Ако ние сме брзи – првата испорака може да е во ноември. Ако не сме брзи, тогаш можеби во декември. А декември, знаеме дека во Италија тогаш е Божиќ и сите се многу мрзливи “.

Савоини одговара: „И во Русија е исто. Во Русија, Божик е во јануари. Празник за Италијанците, па за Русите, имаме еден месец празници- 15 декември, 15 јануари, Италија и Русија заедно на празници. ”

Тој изразува загриженост и поради тоа што не може да го реализира договорот во американски долари поради руските ограничувања на валутата, но Русите рекоа:

„Ние може да работиме во која било валута”. Би било проблем само ако договорот е помеѓу две руски компании, рекле тие, по што италијанскиот адвокат рекол дека договорот во секој случај може да се реализира во евра, па да се конвертира во долари.

Савоини изгледа убеден, предлагајќи помала почетна пратка ако е така помалку ризично, и ја повторува својата загриженост за трансакциите во долари.

„Тој вели да се обрне внимание на финансиската трансакција за да не предизвика никакви проблеми”, им вели италијанскиот адвокат на Русите. „Можам ли да кажам да, ќе работиме на тоа?” прашува адвокатот.

Русинот тогаш одговара: „Ако го реализираме преку една банка, на пример „Интеса“, нема да има проблем.“

Во друг разговор, Савоини се навраќа на причината за договорот: националистичкиот политички проект.

„Ние навистина ја менуваме ситуацијата во Европа”, вели тој. „И невозможно е да се запре. Историјата маршира, па е невозможно. Тоа е навистина нов договор, нова ситуација, нова иднина за нас. Ние сме во центарот на овој процес.

„Но, имаме многу непријатели. Во опасна ситуација сме бидејќи нашата влада е нападната од Брисел, од глобалистите – не од Трамп, но естаблишментот на Обама е многу, многу силен и во Италија. Ние сме на опасна територија. Не е едноставно, но сакаме да се бориме затоа што сме во вистината”.

Како што привршува разговорот, двете страни изгледаат оптимистички во врска со склучувањето на договорот.

„Во врска со идниот договор, мислам дека ги имаме сите информации”, вели еден од Русите на англиски јазик. „Ја разбирам итноста”, додава тој.

Неколку минути подоцна, италијанскиот адвокат ги набројува следните елементи како што ги забележал и ветува дека ќе им испрати скриншот на Русите.

„Добро, господа, мислам дека се се движи во вистинската насока”, вели тој.
„ А мене ми се падна да ги натерам да дејствуваат брзо и веднаш”, одговара неговиот руски колега.

„Ќе успееш”, вели Италијанецот.

Додека стигнува сметката, шесте мажи се убаво расположени. Може да се слушне како се шегуваат кој треба да плати за кафињата.

„Ова не е Рим”, рече еден од Русите.

Одговорот на Савоини на тоа е впечатлив. Осврнувајќи се на еден од своите омилени слогани – заснован на доктрината од 16. век која ја смета Руската империја за наследник на античкиот Рим и Константинопол како врвен центар на вистинско христијанство – тој одговара:
„Москва е третиот Рим”.