Новиот број на „Шарли ебдо“ повторно со карикатури на пророкот Мухамед

Од:

Новиот број на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“, на кој работат преживеаните членови на редакцијата десеткувана во минатонеделниот масакр во Париз, ќе содржи карикатури на пророкот Мухамед, објави денеска адвокатот на весникот Ришар Малка.

– Специјалното издание на весникот, што излегува во среда, ќе биде отпечатено на 16 јазици за читателите ширум светот, изјави колумнистот на „Шарли ебдо“ Патрик Пелу.

Претходно е соопштено дека новиот број на весникот ќе биде печатен во милион, наместо вообичаените 60.000 примероци, а ќе има осум, наместо досегашните 16 страници.

Малка во изјава за Француското радио рече дека во новиот број пророкот Мухамед, покрај останатите, „очигледно повторно ќе се најде на мета на сатирата, за да покажеме дека редакцијата ниту милиметар нема да попушти пред екстремистите кои се обидуваат да ја замолчат“.

Браќата Саид и Шериф Куачи, кои минатата среда во напад врз редакцијата „Шарли ебдо“ убија 12 лица, вклучувајќи петмина најдобри карикатуристи и уште тројца членови на редакцијата, извикуваа по нападот дека „го одмаздиле пророкот Мухамед“.