Неонацисти нападнаа бегалски камп во близина на Дрезден

Од:

Градчето Бишхофсверда, што се наоѓа јужно од Дрезден, е најновата германска локација каде што бегалците беа пречекани со насилство, јави дописникот на МИА од Берлин.

Во текот на минатата ноќ автобусите со кои бегалците биле пренесувани во колективниот центар во ова место, биле нападнати од група припадници на десничарски групи. Демонстрантите фрлале со стаклени шишиња и извикувале расистички слогани кон бегалците.

Стотината германски екстремни десничари кои се обиделе да го блокираат прифатниот центар за бегалци сепак не успеале да дојдат во контакт со бегалците, откако интервенирала локалната полиција.

Инциденти имало и предходната ноќ уште пред отворањето на бегалскиот центар, а минатиот месец во градот Хајденау, исто така во близина на Дрезден, група од стотина десничарски екстремисти нападна центар за бегалци.

Инциденти во кои припадници на крајната десница сакаа да се пресметаат со бегалци предходно имаше и во градовите Фрајтал и Дрезден, со што германската покраина Саксонија го заслужи имиџот на најнетолерантна од сите 16 германски федерални единици.

Во главниот град на Саксонија која што има најмалку странци во Германија, беше основано и националитичкото Европско движење против исламизацијата на Европа (ПЕГИДА).

На протестите во Бишхофсверда им предходеле повици за насилство и напади на социјалните мрежи. Полицијата подготвува пријава против две лица на возраст од 18 и 34 години, кои кон бегалците се обратиле со нацистички поздрав.

И покрај воведувањето на контрола на границите со своите соседи и сусендирањето на Шенген системот, Германија не престана да прима бегалци кои најчесто доаѓаат од Сирија, Ирак и Авганистан. Според проценките на германските институции до крајот на годинава земјата ќе прими околу еден милион евра.

Хуманиот прием на жртвите на воени конфликти од Блискиот Исток и Африка ја истакна Германија како најхумана членка во ЕУ, каде што најголем дел од државите одбиваат да примат бегалци на своја територија.