Мадуро ги откажа преговорите со опозицијата поради санкциите од САД

Од:

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро го откажа учеството на владината делегација на преговорите со опозициските претставници.

Претставниците на венецуелската Влада нема да заминат на Барбадос, каде треба да се одржат преговорите, поради воведените нови санкции од САД.

– Иако опозициската делегација, предложена од Хуан Гуидо, е веќе на Барбадос, претседателот Николас Мадуро одлучи да не испраќа свои претставници поради сериозната и брутална агресија на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врз Венецуела, се наведува во соопштението од претседателството во Каракас.

Делегации на Владата и на опозицијата требаше денеска и утре да се сретнат на Барбадос и да продолжат разговорите под покровителство на Норвешка.

САД во вторникот го замрзнаа целиот имот на венецуелската Влада.