Однесувањето на францускиот претседател Емануел Макрон потсетува на подготовките за војна, изјави денеска Марин Ле Пен, лидер на десничарската партија Национален собир.
„Не знам дали Емануел Макрон навистина сака мир (во Украина). Имам впечаток дека се подготвува за војна“, рече Ле Пен, пренесе ТВ каналот LCI.
Еден ден откако Емануел Макрон ја посети Украина за да посредува за прекин на огнот со Русија, Марин Ле Пен го обвини шефот на француската држава дека се ставил во „воинствена позиција“.
Со своите британски, германски и полски колеги, Емануел Макрон во саботата отиде во Киев за да му изрази поддршка на украинскиот претседател Володимир Зеленски во војната против Русија.
Украина и нејзините сојузници, заедно со САД, и поставија ултиматум на Москва да прифати „целосно и безусловно“ 30-дневно примирје што треба да започне во понеделник, предупредувајќи дека во спротивно Русија ќе се соочи со нови „масивни санкции“.
„Не мислам дека по секоја цена треба да дозволиме разговорот да се води исклучиво меѓу претседателот Трамп и претседателот Путин. Се уште не можам да утврдам дали Емануел Макрон навистина сака да работи на постигнување мир. Имам чувство дека тој всушност се подготвува за војна веќе неколку месеци“ – додаде Марин Ле Пен.