Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ги коментираше причините зошто не се одржа најавената средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Според Лавров, американскиот претседател Доналд Трамп добил „тајни извештаи“ што го навеле да одбие средба со рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта.
„Од каде и од кого дошле извештаите зад сцената до американскиот лидер, по што тој или го одложил или го откажал самитот во Будимпешта, не е познато. Но, ви презентирав преглед на настаните, базиран исклучиво на фактите за кои сум одговорен. И немам намера да одговорам на очигледните лаги за „неподготвеноста на Русија да преговара“ или за „прекинувањето на самитот во Анкориџ“, рече Лавров.
Тој додава дека Доналд Трамп и Владимир Путин се договориле за средба лице в лице за време на телефонски разговор кон средината на октомври, додека Будимпешта била избрана за локација.
Разговорите не успеале затоа што неколку дена подоцна Трамп објавил дека не сака да „губи време“ и затоа нема да присуствува на разговорите со рускиот претседател.
„Остануваме подготвени да одржиме втор руско-американски самит во Будимпешта, ако тој навистина се темели на консолидираните резултати од Алјаска. Сепак, датумот не е одреден. Руско-американските контакти продолжуваат“, додаде Лавров.
