Израел во страв од самиот себе

Од:

Политика – Белград

Поранешниот премиер и неодамнешниот министер за одбрана предупредуваат на растечки екстремизам, кој заменик началникот на генералштабот го потсетува на Германија од времето на фашизмот.

Тој не памти дека генералите на чело на владата и Министерството за одбрана или шефовите на разузнавачката служба некогаш биле толку загрижени за иднината на Израел. Но, за разлика од времето кога се војувало со Арапите, сега тврдат дека опасноста доаѓа од внатре, од екстремните десничари кои ја предводат земјата.

Лабуристот Ехуд Барак, поранешниот премиер, поранешниот министер за одбрана и еден од нај одликуваните војници во историјата на земјата, предупредува дека „опасни елементи‟ ја презеле израелската влада и дека се во подем екстремно десничарки политичари.

Пред некој ден, министерот за одбрана Моше Јалон, член на десниот Ликуд, поднесе оставка во знак на протест поради „екстремизмот‟ кој ја зафаќа земјата и „губење на моралниот компас‟ околу клучните прашања на израелското општество.

Во знак на солидарност оставка поднесе и генерал-мајор Јаира Голан заменик началник на генералштабот, кој изјави дека во Израел во 2016 година се „откриваат исти знаци‟ какви што постоеле во Германија во 30-тите години од минатиот век и тоа токму на Денот на сеќавањето на шест милиони еврејски жртви на холокаустот.

Вакви сосема ретки критики на активните генерали и повеќе од чуствителните споредби со времињата на фашизмот, наговестуваат длабоки поделби во израелското општество, кое премиерот Бенџамин Нетанјаху упорно го води во десно, додека неговиот однос кон Палестинците го води општеството со кое раководи уште од 2009 година во морална криза.

Нетанјаху одговара очекувано. За да ја зацврсти петочлената коалиција собрана околу својот Ликуд, премиерот подготвува влада која според својата ориентација ќе ги надмине сите десничарски влади во историјата на Израел. Во замена за шест пратеници кои му ги донесува, ресорот за одбрана понуди на лидерот екстремно националистичка партија на еврејските доселеници на Западниот брег, Јисраел беитеину (Израел наша куќа) на Авигдор Либерман.

Либерман, поранешен шеф на дипломатијата, според сите оценки е најголем ривал на Нетанијаху. Само премиерот знае што од пријателот Јалон направил непријател и зошто сега го зема осведочениот непријател, кој сигурно нема да се двоуми да му забие нож во грб во прва прилика.

Она што е поопасно е дека Либерман во новиот кабинет ќе раководи со најексплозивниот ресор на Блискиот исток и ќе управува со граѓанските работи на Западниот брег. Овој Евреин со потекло од Молдавија несомнено е живописна фигура, а многумина се плашат и дека е опасно поларизирачка. Либерман живее во илегална еврејска населба на Западниот брег.

Предлагаше на Палестинците да се забрани комеморацијата „накбе‟ – катастрофа, кога во 1948 година ја изгубиле својата земја и е познат како заколнат противник на било какво преговарање со Палестинците.
Го критикуваат поради дискриминаторски, дури и „расистички‟ однос кон израелските Арапи, од кои барал да потпишат заклетва на верност на Израел или да го изгубат правото на глас. Кога во март 2015 година јавно побарал да се отсече главата на „нелојалните‟ палестински државјани на Израел, го споредиле со Исламската држава.

Јувал Дискин, поранешен шеф на израелската агенција за внатрешна безбедност Шин бет, во весникот „Једиот ахаранот‟ пишува дека именувањето на Либерман може да означи „почеток на крајот‟ на државата Израел, бидејќи ќе ги охрабри еврејските фундаменталисти, а одбраната на земјата да ја довери на „несигурен премиер и неискусен министер за одбрана‟.

За да ги смири страстите, Нетанјаху изјави дека и новиот кабинет „ќе се стреми кон политичко решение‟ со Палестинците, но со тоа не ги острани стравувањата дека Израел ќе биде уште поекстремен, подалеку од демократијата, либерализмот, човековите права и договори со Палестинците кои сакаат држава на окупираната територија. „Оваа влада треба да се сруши пред таа да не сруши сите нас.

Нема сериозни лидери на светот кои веруваат во израелската влада‟, вели Барак, откривајќи длабоки поделби на израелската политика, општеството, а сега и незадоволството во врвовите на армијата. „Манифестацијата на екстремизам, насилство и расизам во израелското општество се закануваат на неговата сила и се уфрлуваат во израелската армија‟ – рече Јалон, поднесувајќи оставка.

„За жал, важни политичари во земјата одбраа тоа да го поттикнуваат и да го делат израелското општество, наместо да го обединуваат‟.

Не наведувајќи го името на Нетанјаху, Јалон го обвини премиерот дека овозможил „зли духови‟ да се шират во земјата, дека со својата опасна политика поттикнува внатрешни поделби и дека во светот го руши имиџот на Израел како демократска држава.

Неминовното разидување беше најавено уште кај случајот на наредникот на израелската војска кој мирно пукал во глава на ранет Палестинец кој лежел пред него. Јалон бил згрозен. Нетанјаху во знак на солидарност го повикал таткото на наредникот.

Потоа следел нов судир меѓу премиерот и министерот за одбрана по повод изјавите на генералот Голан. Нетанјаху рекол дека споредбата со времињата на нацизмот е „срамно‟. Јалон застанал на страна на својот генерал, изразувајќи „целосна доверба‟ во официрите кои нудат „морален компас‟ на општеството.

Предупредувањата на Ехуд Барак, Моше Јалон, Јаира Голан или Јувал Дискин се последни во низата кои потврдуваат се поголема загриженост кај демократската јавност на Израел. „Дури и Рамбо е исплашен од тоа каде оди Нетанјаху‟ – коментира либералниот „Харец‟.

Извесно е дека доаѓањето на Либерман не само што навестува заострување на внатрешната борба за „душата на Израел‟ туку дополнително се заканува да го уништи израелско-палестинскиот „мировен процес‟ во времиња кога нема ни мир ни процес.