Исламската Држава го пофали нападот во Париз

Од:

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун изрази денеска огорченост поради, како што рече „ужасниот терористички напад“ врз просториите на францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“ во Париз, во кој беа убиени 12 лица.

Тој нападот го оцени како ужасно и бесчувствително злосторство, кое не може со ништо да се оправда.

– Намерата на овој ужасен напад е да се предизвикаат поделби, изјави Бан и додаде дека не смее да се западне во таа замка.

– Тоа е злосторство врз слободата на говорот и слободата на медиумите, двата столба на демократијата, рече Бан.

Во денешниот напад врз редакцијата на неделникот загинаа најмалку 12 лица, од кои десет се новинари и тоа е најсмртоносниот напад во историјата на француските печатени медиуми.

Се очекува Советот за безбедност на ОН денеска да објави декларација во врска со нападот.

Американскиот претседател Барак Обама, канадскиот премиер Стивен Харпер и Ватикан исто така го осудија нападот, во кој загинаа четворица од водечките карикатуристи на неделникот, меѓу кои и главиот уредник Стефан Шарб.

Обама го осуди нападот и и ја понуди на Франција помошта на САД за изведување на одгорните за него пред лицето на правдата.

– Франција е најстариот сојузник на САД и стои рамо до рамо со САД во борбата против терористите, кои претставуваат закана за нашата безбедност и за безбедноста на светот, истакна американскиот претседател.

– Канада е згрозена од овој варварски терористички акт, извршен во Франција, изјави Харпер.

Ватикан остро го осуди нападот, кој го означи како грозоморен, изјави заменик-портпаролот на Светата стоица, Чиро Бенедитини.

– Тоа е напад не само врз луѓето, туку и врз слободата на медиумите, додаде тој.

Претседателот на Парламентарното собраниена Советот на Европа Ен Брасер најостро го осуди нападот.

– Длабоко сум шокирана од овој терористчки акт, нагласи таа.

Во меѓувреме припадник на џихадистичката организацијата Исламска држава го пофали денеска нападот врз францускиот сатиричен неделник и изјави за агенцијата Ројтерс дека тоа е одмазда за навредите кон исламот, јави Танјуг.

– Лавовите на исламот се одмаздија за нашиот пророк, истакна Абу Мусаб, Сириец, кој се бори во редовите на ИД, која освои големи територии во Ирак и Сирија.

– Ова се нашите лавови. Тоа е прв чекор, а следат уште. Крстоносците нека се уплашат затоа што и треба да се плашат, изјави тој и додаде дека тој и неговите соборци се среќни поради денешниот напад.

Абу Муса изјави дека не ги знае извршителите, но додаде дека тие се на пат „кон емирот и нашиот шеик Осама (бин Ладен)“.